Германските земјоделци за денеска најавија протести пред Бранденбуршката порта во Берлин со барање да се преиспитаат плановите за воведување повисоки даноци за земјоделците.
На протестите се очекува да учествуваат околу 3.000 земјоделци со трактори, 2.000 камиони и 10.000 луѓе од цела Германија.
Германскиот министер за финансии Кристијан Линднер планира да им се обрати на учесниците на протестот, а лидерите на партиите од владејачката коалиција ги поканија претставниците на земјоделците на разговор.
Германските земјоделци минатиот понеделник почнаа да ги блокираат пристапните патишта во делови на Германија, како спротивставување на планот на владата да ги прекине даночните олеснувања за купување дизел што се користи во земјоделството.
Владејачката коалиција на канцеларот Олаф Шолц минатиот месец предложи планови за укинување на даночните ослободувања за земјоделските возила и даночните олеснувања за набавка на дизел.
Тие планови се дел од пакетот за пополнување на буџетскиот дефицит од 17 милијарди евра за 2024 година.
Во четвртокот, германската Влада делумно попушти, наведувајќи дека ќе се задржи ослободувањето од данок на земјоделските возила и дека ќе се укине намалувањето на даночните олеснувања за дизелот во текот на три години.
Сепак, германската асоцијација на фармери соопшти дека сè уште инсистира на целосно повлекување на плановите на владата.
МИА
Напишете коментар