Онкологот Дејвид Хајат, бивш претседател на Националниот институт за рак, ги повикува луѓето помалку да ги слушаат советите на здравствените организации, кои повикуваат на одвикнување од животните радости.
Доста угледниот онколог, во својата најнова книга ги повика луѓето да уживаат во животот – пред сè во љубовта и во виното, и помалку да обрнуваат внимание на апелите на медицинската заедница на воздржување од животните задоволства како би го продолжиле животот. Изјавите на лекарите отворија голема дебата во Франција, а оваа полемика послужила како одлична органска кампања за книгата со име „Arrêtez de Vous Priver“ („Престанете да се воздржувате“).
Хајат преку голем број француски медиуми ја пренел основната порака на својата книга: дека луѓето можат себеси да си дозволат мали ексцеси и дека не треба да се чувствуваат виновни поради тоа.
„Ваквите задоволства за себе се неопходни за развој и одржување на самодовербата“ – изјавил Хајат, кој истакнува дека постојаното повикување на одрекување од задоволствата, кое е карактеристично за голем број здравствени организации, за владата и лекарите кои настапуваат во јавноста, е штетно за духот, а во мала мера придонесува за здравјето.
Во интервју за Тајмс, доктор Хајат рекол дека здравствените ризици од уживањето во сексот и во алкохолот, особено во виното, се многу зголемени од страна, како што рекол, на одреден број лекари кои сакаат на општеството да му го наметнат својот „хигиеничарски“ поглед.
„На луѓето им е потребна рамнотежа“, рекол Хајат, препорачувајќи уживање во виното и сексот со додаток дека „живот без задоволства нема смисла“. Тој наведува дека и луѓето, наместо слепо да ги следат насоките од здравствените организации, треба да го послушаат советот на Епикур, кој на луѓето им препорачувал да го задржат духовниот мир по пат на умерено уживање.
„Се соочуваме со ризикот на живот во кој нема задоволства , ако тоа им го нафрлиме на луѓето, тие ќе експлодираат“, изјави Хајат за Тајмс.
Хајат особено гневно се нафрлил на она што го гледа како догматски пристап на Светската здравствена организација кога е во прашање консумацијата на месни преработки. Како што тврди тој, тоа воопшто не е проблем за здравјето.
„Ви велат дека тоа месо го зголемува ризикот за рак на дебелото црево за 18 проценти, но не ви кажуваат колку е основниот ризик за таа болест. Тој изнесува 2 проценти. Значи, ако јадете големи количини шунка, ризикот наместо два проценти би бил нешто малку над два проценти. Вреди ли за тоа да се одрекнеш за парче шунка? – се запрашал лекарот, кој одлучил да ги „преобрати“ здравствените норми, кои преовладуваат, но сепак во своите изјави задржал доза на внимание, често повторувајќи дека во сите убави работи – освен во љубовта – треба да се ужива умерено.
Како пример за претерувaње, Хајат го истакнал примерот на британската докторка Сали Дејвис, која своевремено била главен советник за здравјето на британската влада. Таа неодамна навела дека и најмала консумација на вино го зголемува ризикот за рак на дојка. Хајат ваквите изјави ги оценил како „диктат“, кој ги поткопува основите на француската национална култура, а голем дел од француските медиуми, вклучувајќи го и многу угледниот Фигаро, ги оценува неговите наводи како „ослободувачки и многу позитивни“.
Извор: vinoifino.rs
