Роберт Безо во 2012 година дошол на архипелагот Бокас дел Торо во Панама за да помогне во собирање на пластичниот отпад. За една и пол година колку што потрошил работејќи на овој проект, собрал околу еден милион пластични шишиња.

Намерата на Роберт била да им укаже на луѓето дека пластичите шишиња можат да се искористат за следните работи: изолација, изградба на привремени засолништа, штали, амбари, ергели, базени, резервоари за вода, системи за наводнување, складишта и патишта.

Неговата главна цел е да го сврти вниманието на луѓето дека планетата е во тешка состојба т.е. дека е затрупана со смет.
Тој одлучил од отпадот да направи градежен материјал и да изгради еколошко село од пластични шишиња. Пластичните шишиња се поврзани со метална жица, а на некои делови и бетонирани. Безо тврди дека пластиката е одлична изолација и дека неговиот метод за изградба е многу брз. Трајноста е загарантирана, бидејќи се претпоставува дека на пластиката и се потребни и до 500 години за целосно да се разгради.

Еко селото опфаќа неколку населби, вклучувајќи го и најголемиот дворец направен од пластични шишиња според Гинисовата книга на рекорди. Пластичниот дворец има четири ката, висок е 14 метри и направен е од 40.000 шишиња. Во него се наоѓаат 4 соби, сала за јадење и видиковец на врвот.
Во селото постои и затворска ќелија направена од 10.000 шишиња во која може да се преспие за 30 долари. Главната цел за преноќувањето е да се „исчистат“ еколошките „гревови“ што сме ги направиле, односно да се освестиме колку пластика трошиме и да се намали употребата на овој материјал во секојдневниот живот.
Извор:punkufer.dnevnik.hr
