Во село Теарце, во областа Долен Полог, се наоѓа домот на едно уникатно семејство кое е познато по својата страст по розите. Семејството Мановски веќе над 20 години одледува рози во секакви бои, претворајќи го ова занимање во успешен фамилијарен бизнис. Тие не само што одгледуваат рози, туку пренесуваат и дел од својата љубов и посветеност на своите клиенти.

Во почетоците, на ова прекрасно место се одгледувале кринови во најразлични бои. Освен кринови, се одгледувале и гладиоли и кали, но со тек на време, овие вредни одгледувачи на цвеќе, одлучиле да ги задржат само розите. Грижата за криновите, гладиолите и калите барале поспецифични услови, повеќе работа и поголема посветеност. Да се одгледува еден вид на цвеќе, се чинело поедноставно и полесно за мал број на луѓе кои требало да произведат квалитетни рози. Ова семејство, најнапред започнало да сади помали парцели со цвеќе околу нивната куќа, а со времето и трудот вложен во оваа работа, развиле непроценливо знаење и искуство.

Но, и покрај тоа, одгледувањето рози се разбира дека не е толку лесно и едноставно. Напротив, бара многу љубов, целосна посветеност, време и напорна работа. Љубовта е појдовната точка и главната мотивација која им дава доволно сила да започнат со денот и да ги исполнат поставените цели.

Кога ќе се запознаете со семејството Мановски, веднаш ќе почувствувате колку оваа работа ги поврзува сите заедно. Основачот на овој бизнис, Гроздан Мановски, е одговорен за одржување на розовите градини и развој на нови техники за полевање и ѓубрење, како и обработка на земјата каде што се посадени.

Неговата сопруга, Ќира, е креативната сила зад изборот на различни сорти на рози и реализација на секојдневните работни задачи, додека пак, ќерките и зетовите редовно и континуирано помагаат и активно учествуваат во извршување на секојдневните активности, особено во лето.

Во современата ера, семејството Мановски успешно комбинира традиционални методи со современи техннологии. Применуваат систем за наводнување капка по капка и користат органски ѓубрива, за да осигураат не само квалитет на розите, туку и одржливост на своето производство. Од година во година, тие инвестираат во нови сорти рози, со цел да го подобрат квалитетот и продуктивноста.


Розите од семејството Мановски се познати по својата убавина и квалитет и се наоѓаат во многу цветни продавници на локалниот пазар. Во иднина, семејството планира да се посвети кон набавка на опрема и механизација за заштита од болести и штетници. Исто така, она што веќе и им недостасува е покривање на цветните расади со цел заштита од високи температури. Поради промената на климатските услови од година во година, неопходно е покривање на цветните оранжерии.



