Властите досега уништија околу 10.000 овци како дел од мерките за спречување на ширењето на болеста сипаници
Трогателната приказна на едно македонско сточарско семејство, на кое ветеринарните власти му го уништиле целото стадо овци како дел од мерките за сузбивање на сипаниците кај овие животни, го извади на виделина незадоволство кај сточарите. Досега со мерките на властите се усмртени околу 10.000 овци.
Во објава во група на „Фејсбук“ посветена на овчарството, фармер и неговото семејство со огорченост и болка кажуваат како скоро три децении ги одгледувале овците „со срце и душа“, сè до денеска, кога наеднаш останале без целото стадо.

– „28 години чување, опстанување, одгледувано со срце и душа – сè до денеска… им пресудија. Во која држава го има ова?“, прашуваат фармерот и неговите блиски.

Покрај од стадото овци кое настрадало, во објавата има и фотографии од киселото млеко, сирењето и кашкавалот кои ги произведувало семејството.


Министерот за земјоделство Борче Серафимовски неделава изјави дека се работи на модел за обесштетување на сточарите. Тој најави дека министерството „ќе се обиде максимално да им помогне на погодените сточари со исплати за да можат повторно да набават овци“. Но, во исто време, Серафимовски напомена дека на местото на кое живееле уништени животни, според прописите, шест месеци не смее да се одгледува стока. Ова, судејќи според коментарите на фармерите, ќе биде посебно тежок удар за сточарите на кои овчарството им е главна или единствена егзистенција.
Во повеќето коментари на објавата на „Фејсбук“ граѓани, многумина од нив револтирани сточари, изразуваат гнев поради мерките во кои практично е десеткуван сточниот фонд. Еден од фармерите прашува: „Кој ќе се нафати пак да чува овци, ако знае дека државата утре може ‘превентивно’ и здрави да му ги уништи?“
Неделава пристигнаа 450.000 вакцини против сипаници кај овците и козите кои ни ги донира Европската унија. Тие, според министерот Серафимовски, треба дополнително да ја стабилизираат состојбата со болеста и да го спречат нејзиното ширење.
– Во наредната фаза, која треба заеднички да ја договориме со Сојузот, ќе ја разгледаме можноста за вакцинација на добитокот во согласност со препораките на европските експерти – рече министерот.
Извор: slobodenpecat
