Неодамнешната блокада на Суецкиот канал, предизвикала сериозно загадување со сулфур диоксид, пренесува Би-Би-Си.
Поради заглавувањето на бродот „Евергивен“, стотици бродови беа заглавени од двете страни на Суецкиот канал, и мораа да стојат на истото место со денови.

Како резултат на тоа, концентрацијата на сулфур диоксид (SO2) во воздухот достигнала петпати поголема вредност од вообичаената на медитеранската страна на каналот. Сулфур диоксидот е нуспроизвод од согорувањето на горивата што ги користат бродските мотори.

Меѓународната поморска организација (ИМО) во последните години се обидува да ги намали емисиите на сулфур диоксид поради негативното влијание што може да го има врз животната средина и здравјето на луѓето, јавува Би-Би-Си.

Поради блокадата на Суец, која траеше цели шест дена, дури 350 бродови заглавија на исто место. Повеќето беа закотвени на северниот крај на каналот, во Медитеранот. Иако нивните главни мотори биле исклучени, помошните напојувања и бојлерите сè уште работеле.
Ова довело до голема концентрација на сулфур диоксид во атмосферата, што е откриено и од европскиот сателит Сентинел-5П. Сателитот, управуван од Европската вселенска агенција, има чувствителен спектрометар наречен Тропоми, кој може да открие траги од голем број штетни гасови, вклучувајќи сулфур диоксид.
