Полските земјоделци се огорчени поради состојбата на домашниот пазар на житарки. И додека Министерството за земјоделство уверува дека за полското жито ќе се најдат купувачи, пазарот не е заинтересиран за скапа домашна стока.
Предупредуваат дека неконтролираниот прилив на овој вид стоки довел до вештачки предизвикани ниски цени на домашниот пазар.
Земјоделците протестираат
Во националното здружение на земјоделци, Агроунија, го изразија својот бунт пред парламентарната канцеларија на Јацек Сасин и Беате Мазурек во Хрубиешов. Истурија неколку кофи жито пред канцеларијата на Сасин, кој заминал на одмор. За време на протестот тие укажаа на дополнителни проблеми кои го засегаат земјоделското производство. Станува збор пред се за високи производствени трошоци кои во комбинација со намалените цени резултираат со нерентабилност.
Предупредуваат дека пазарот е преплавен со украински житарки кои требало да бидат испратени во Африка и Блискиот Исток, што го прикажаа во видео на нивниот фејсбук-профил.
Пишуваат дека се појавуваат огласи каде што пченицата се продава за 500 злоти за тон (106 евра) и дека прифатлива цена треба да биде 1.500 злоти. Според нив, последиците од оваа политика ќе бидат страшни. Сезона е на новата жетва, домашните цени постојано паѓаат, а магацините се преполни со нелегално увезено ланско жито, предупредуваат оттаму.
Дали има решение?
Михаљ Колоџејџак, лидерот на Агроунија го критикуваше Сасин, вицепремиерот со кој неуспешно се обидуваат да закажат средба.
„Увозот на житни култури ќе има драматични последици и многу негативно влијание. Поради високите трошоци за производство и ниските откупни цени, земјоделците ќе останат без финансиски средства за почеток на производството следната година, а многу бизниси ќе банкротираат“, предупреди Колоџејџак.
За домашното жито нема купувачи, бидејќи е поскапо. Ова ги става земјоделците во нерамноправна положба. Како решение било предложено пратките да бидат запечатени при влез во Полска, а пломбите да се вадат само при качување на бродовите. Со тоа би се намалил притисокот на домашниот пазар.
Претставниците и здруженијата на земјоделците апелираа до премиерот Матеус Моравицки и до вицепремиерот и министер за земјоделство Хенрик Ковалчик да направат нешто за да се спречи колапсот на земјоделството, особено земјоделското производство, што неминовно ќе се случи.
Агроунија поради овој проблем организира и голем протест кој ќе се одржи денеска во Варшава.
Извор: agroklub.rs
