„Европската Комисија одлучила да го прекине последното барање за исплаќање за третиот квартал од 2025 година поднесено во рамките на ИПАРД 3 програмата“, вака од Делегацијата на ЕУ во земјава за „Локално“ го пренесуваат ставот на ЕК. Сепак, додаваат дека оваа одлука на Комисијата не подразбира суспензија на целокупната програма.
Во одговорот стои дека Европската комисија е свесна за истражните активности што ги спроведуваат македонските власти по сомневања за потенцијална корупција од страна на високо рангиран функционер во рамките на Агенцијата за ИПАРД.
-Бидејќи се работи за парите на даночните обврзници на ЕУ, очекуваме властите на Република Северна Македонија да продолжат да го сфаќаат ова прашање многу сериозно.
Националниот службеник за авторизација на Северна Македонија (НАО) одлучи да ги суспендира сите плаќања во рамките на ИПАРД 3 програмата 2021-2027 од 7 ноември 2025 година до понатамошно известување.
Со оглед на сегашните околности, Комисијата ја надополнува оваа национална одлука и, како стандардна превентивна мерка, одлучи да го прекине последното барање за плаќање за третиот квартал од 2025 година поднесено во рамките на ИПАРД 3 програмата. Оваа одлука на Комисијата не подразбира суспензија на целокупната програма, додаваат од Европската комисија во мејлот испратен преку Делегацијата на ЕУ.
Се истакнува дека Комисијата одржува редовна комуникација со НАО и со одговорните национални власти за напредокот во тековната проценка на ризиците и потребните корективни мерки.
-Комисијата е подготвена да продолжи да ги поддржува земјоделците, земјоделско-прехранбениот сектор и руралните области во Северна Македонија, под услов финансиските интереси на Европската Унија да бидат соодветно заштитени, додаваат од европските институции.
Извор: Локално
