ЕУ ја повикува Русија да се откаже од својата одлука да го прекине договорот за извоз на житарки од украинските пристаништа, витални за снабдувањето со храна во светот, напиша вчера на Твитер шефот на европската дипломатија Жозеп Борел.
Вчера не беше одобрено движење на товарни бродови кои превезуваат украински житарки во Црното Море, соопшти Заедничкиот координативен центар задолжен за следење на меѓународниот договор потпишан летово.
„Не е постигнат заеднички договор во Центарот околу излез и влез на товарни бродови на 30 октомври“, се наведува во соопштението по одлуката на Москва да го прекине учеството во договорот за транспорт на житарки потпишан во Истанбул на 22 јули поради напади со дронови на руски бродови во заливот Севастопол на Крим.
Одлуката „го загрозува главниот извозен пат за житарки и ѓубриво потребни за одговор на светската прехтанбена криза предизвикана од војната во Украина“, напиша Борел.
Москва објави дека го суспендира своето учество во договорот по нападот со беспилотни летала врз руската флота стационирана во Севастопол, на Крим. Москва го припишува нападот на Украина и Велика Британија.
Заедничкиот координативен центар, кој го надгледува доброто спроведување на договорот, ги собира делегатите на Русија, Украина, Турција и ОН во Истанбул. Договорот склучен во јули под покровителство на ОН и Турција, овозможи извоз на неколку милиони тони житарки блокирани во украинските пристаништа од почетокот на руската инвазија на Украина на крајот на февруари.