Европската комисија подготвува широка реформа на законодавството за храна и добиточна хран, со посебен акцент на поедноставување на процедурите поврзани со производите за заштита на растенијата и адитивите во храната за животни. Според информациите од нацртот, новите правила треба да донесат значајни промени за земјоделците, но и за увозните текови од трети земји, пишува Agrarheute.
Откако Европскиот суд на правдата минатата недела пресуди дека ЕУ мора повторно да го разгледа продолжувањето на одобрението за глифосат, Комисијата се обидува да избегне нови правни битки поврзани со фитосанитарните прописи. Земјоделците со години предупредуваат за намалениот број на достапни активни супстанции за контрола на штетници, што ја отежнува заштитата на посевите.
Затоа, во новиот пакет , Комисијата предлага значително поедноставување на процедурите за одобрување на нови хемиски и биолошки агенси, како и адитиви за храна за животни. Индикации за вакви промени даде неодамна европскиот комесар за здравство, Оливер Вархеји, во својот извештај за напредокот. Некои очекуваат предлогот да биде презентиран уште кон средината на декември, додека други проценуваат дека тоа ќе биде на почетокот на 2026 година.
Забрзување на процесот на одобрување
Во пресудата на Судот на правдата на ЕУ се нагласува дека продолжувањата на одобрувањето, како што е она за глифосатот, мора да бидат исклучок, а не правило. За да се намали правната несигурност за производителите и земјоделците, Комисијата предлага одобренијата за нови хемиски активни супстанции да се даваат за неограничен временски период, освен за супстанции со висок ризик. Во тие случаи, периодот сè уште може да биде ограничен на пет години.
Супстанциите со висок ризик и таканаречените „кандидати за замена“ сè уште нема да имаат трајна регистрација, бидејќи за нив се очекуваат побезбедни алтернативи во одреден период. Комисијата, исто така, сака да ги поедностави критериумите за супстанции со низок ризик, што би го забрзало нивното влегување на пазарот.
Исто така, се планираат значајни административни олеснувања, како што се отстранување на обврската за водење евиденција за употребата на биолошки агенси за заштита на растенијата, укинување на тригодишната обврска за водење документација за професионалните корисници и појасно и поедноставно формулирање на постојните регулативи, со цел намалување на трошоците и зголемување на ефикасноста.
Олеснета примена на биолошки агенси
Комисијата сака да ја зголеми достапноста на еколошки препарати, како што се микроорганизми, феромони и растителни екстракти. Националните тела треба да им дадат приоритет на таквите биолошки супстанции при одобрувањето, а во одредени ситуации може да се издаваат и привремени одобренија. Исто така, се планира полесно меѓусебно признавање на одобренијата меѓу земјите-членки.
Покрај сето погоре наведено, новата регулатива носи значително заострување на правилата за увоз на земјоделски производи. Целта е да се спречи враќање на забранети средства на пазарот на ЕУ преку стоки од трети земји.
Повлекувањето на Регулативата за пестициди е знак дека ЕК ќе работи со земјоделците, а не против нив.
Комесарот Вархеји сака да го отстрани концептот на „толеранција на увоз“ и да го замени со концептот на „највисоко дозволено ниво на остатоци врз основа на добра земјоделска пракса во трети земји“. Со други зборови, забранетите пестициди во ЕУ не смеат да бидат присутни дури ни како траги во увезената стока.
Според нацртот, се планира да се прецизираат правилата за храна и добиточна храна што потекнуваат од ГМО. Производите што не содржат живи ГМО клетки би биле ослободени од строга регулатива.
Слично на пестицидите, одобренијата за адитиви за храна треба да важат неограничено, освен за категориите со висок ризик. Исто така, се предлага можноста за дигитално означување на таквите додатоци, со услов сите информации релевантни за безбедноста да останат физички видливи на етикетата.
