Во рамки на членството во Меѓународната мрежа за зелен финансиски систем (NGFS), експерти од Народната банка учествуваа во изготвувањето на Водичот за обелоденување на ризиците и можностите поврзани со климатските ризици за централните банки (Guide on climate-related disclosure for central banks – second edition).
Водичот ги обработува четирите аспекти на вградување на климатските ризици при извршувањето на функциите на централните банки: организациска поставеност; стратегија; управување со ризици; и мерки и цели, при што експертите од Народната банка дадоа свој придонес во изготвувањето на препораките за известување во рамките на процесот на управување со ризиците. Народната банка е една од четиринаесетте централни банки коишто работеа на изготвување на оваа ревидирана и подобрена верзија на Водичот. Самиот процес траеше две години и опфаќаше активно учество во работата на подгрупата Обелоденување на ризиците поврзани со климатските промени и еколошките ризици за централните банки, што е дел од групата Нето-нула на Мрежата за зелен финансиски систем.
Ревидираната верзија на Водичот ги поттикнува централните банки да дадат свој пример преку објавување на ризиците и активностите поврзани со климатските промени. Воедно, се заклучува дека поголемата транспарентност на централните банки за прашањата поврзани со климатските промени значи и поуспешно управување со овие ризици и е од суштинско значење за поттикнување на транзицијата кон одржлива економија.
Народната банка, според примерот на најдобрите практики за известување на оваа тема, објави прилог за изложеноста на климатските ризици и ефектите од одржливото инвестирање на девизните резерви во рамки на Годишниот извештај за 2023 година. Во склоп на колективните напори за зазеленување на финансискиот систем, во наредниот период Народната банка ќе го сподели своето искуство при мерењето и објавувањето на изложеноста на климатските ризици во процесот на управување со девизните резерви, преку виртуелен состанок, како дел од едукативните работилници на Мрежата за зелен финансиски систем, со цел да даде ги поттикне и да ги насочи централните банки што ги прават првите чекори во оваа област.
Меѓународната мрежа за зелен финансиски систем (NGFS) обединува 138 централни банки и супервизори и 21 набљудувач, кои на доброволна основа ги споделуваат најдобрите практики и придонесуваат за развојот на животната средина и управувањето со климатските ризици во финансискиот сектор, придонесувајќи да се мобилизираат главните финансии за поддршка на транзицијата кон одржлива економија.
Напишете коментар