Египет, голем купувач на пченица, го зголеми увозот од Русија во март и покрај прекинот на снабдувањето и плаќањето поради рускиот напад врз Украина и најде нови добавувачи, велат трговците.
Египет увезол 479.195 тони пченица од Русија во март, што е за 24 отсто повеќе од истиот месец минатата година. Испораките од Украина се намалени за 42 отсто, на 124.500 тони.
Украинскиот премиер Денис Шмихал во понеделникот изјави дека воспоставиле нови логистички патишта за извоз, а здружението на трговци UGA побара од владата да ги укине дозволите за извоз на пченица, тврдејќи дека залихите се многу високи и дека продажбата нема да ги загрози резервите на храна.
„Украина има уште околу 12 милиони тони на залиха, а не делат помалку од три месеци од новата жетва. Домашната потрошувачка би можела да достигне околу 1,5 милиони тони“, се вели во соопштението на UGA објавено вчера.
Египет главно ја набавува пченицата во регионот на Црното Море, поради нејзиниот квалитет, цена и близина, објаснуваат трговците. Минатата година околу 80 отсто од пченицата била увезена од Русија и Украина.
Од почетокот на руската инвазија на Украина на 24 февруари, египетските увозници на пченица се соочуваат со рекордно високи цени, тешкотии во плаќањето поради санкциите против Русија и прекини во испораките од регионот на Црното Море, особено од Украина.
Санкциите против Русија не ја покриваат храната, но банките не сакаат да го финансираат рускиот увоз, објаснуваат трговците. Увозниците сè уште „се обидуваат да најдат безбеден канал“ за плаќање на пратките од Русија, рече еден трговец кој увезува во Египет.
Друг вели дека некои пратки биле платени затоа што биле купени пред инвазијата, додавајќи дека финансирањето се решава за секоја зделка посебно, во преговори со банките.
Египетската мелничка индустрија е навикната на руската и украинската пченица, објаснува трговецот од Каиро, Хешам Солиман. „Секогаш ќе ѝ дадеме предност ако е достапна“, рече тој. Но, приватниот сектор откупува пченица и од други добавувачи и покрај повисоките цени, посочуваат трговците.
Вакви необични зделки се направени за увоз на пченица од Франција, Бразил, Литванија и Бугарија, а се очекува и ретка пратка од Германија, која не била снабдувач последните неколку години.
Египетскиот државен купувач на жито, Генералниот орган за снабдување (ГАСЦ), откажал два јавни тендери поради големиот пораст на цените погодени од инвазијата и посочи дека ќе се врати на пазарот во средината на мај.
Резервите на пченица во Египет сега покриваат само 2,6 месеци потреби, што значи дека тие се значително намалени и се далеку зад планираните шест месеци, но властите велат дека тие треба да се зголемат по жетвата, која започнува овој месец.
GASC обезбедува пченица за производство на субвенциониран леб чија цена е прилагодена на куповната моќ на десетици милиони Египќани. Владата соопшти дека ќе го поддржи и комерцијалниот сектор, по ограничувањето на цената на несубвенционираниот леб.
