Наскоро сточарите, производителите на млеко, ќе можат сами да го затворат кругот и со готово, преработено млеко да излезат на пазарот во Србија. Ксенија Чобановиќ од Одделот за сточарство на Земјоделскиот факултет во Нови Сад вели дека обуката ќе биде бесплатна, како и дека не е ограничен бројот на оние кои ќе можат да пристапат на едукативната платформа.
Целта на обуката е да им се помогне на младите производители на млеко кои сакаат да се занимаваат со производство на млечни производи, како и луѓето да се задржат на село, порачува Чобановиќ. Таа истакнува дека проектот е осмислен да им помогне на производителите на млеко и во Србија и во Европа.
„Проектот се вика ‘Milket’, што е кратенка од модерно и иновативно онлајн знаење и искуство во преработката на млеко. Земјата која раководи со проектот е Словенија“, вели Чобановиќ. Покрај Словенија и Србија, во проектот учествуваат и Италија, Шпанија, Хрватска и Литванија.
„Целта на овој проект е да им се помогне на производителите на млеко кои во Европа и кај нас се сретнуваат со мала откупна цена на млекото и неможноста само со продажба на млеко млекарите да ги покријат сите трошоци на производство“, додава таа.
Како што истакнува, земјите партнери пронашле начин со создавање на таа образовна платформа да го дадат потребното знаење на производителите на млеко кои планираат во рамки на своите стопанства да го преработуваат млекото и млечните производи, да добијат дополнителна вредност и да не зависат само од еден извор на приходи. Обуката е бесплатна, а бројот на луѓе кои ќе ја посетуваат не е ограничен.
„Ние сме уште во фаза на создавање на таа образовна платформа. Таа ќе биде достапна на почетокот на следната година и сите заинтересирани ќе можат да пристапат на таа платформа и да ги добијат потребните знаења од областа на преработката на млекото во квалитетни и здравствено безбедни млечни производи“, вели Чобановиќ.
Таа укажува на тоа дека сите заинтересирани на таа платформа ќе можат да го изберат делот кој ги интересира, да пристапат кон видео-материјалот и записите од областа на производството на одредени млечни производи. Смета дека е значајно што ќе постои можност за комуникација со стручњаци од разни области на преработката на млеко.
„Интересно е дека секој сегмент го покриваат разни стручњаци од разни земји, така што мислам дека ќе биде посебно интересно нашите производители на млеко, кои се интересираат за преработка, да се запознаат со можностите за производство на разни традиционални млечни производи од земјите на ЕУ“, изјавила Чобановиќ.
Италија на пример, ќе ја претстави можноста за производство на сирење од парено тесто, како што е моцарела, додека Србија ќе го претстави процесот на производство на кајмак.
