Со повеќе едукативни и креативни активности, музичка програма, како и посета на пчеларник денеска во Гевгелија ќе се одбележи Светскиот ден на пчелата. Настанот е во организација на Адвентистичката служба за социјална заштита – АДРА Македонија, амбасадата на Република Словенија, Пчеларската федерација на Македонија, а домаќин е Општина Гевгелија.
Програмата ќе се реализира под мотото „Bee the SDG Solution – Solution for Sustainable Development“, со цел подигнување на јавната свест за значењето на пчелите и останатите опрашувачи за одржливиот развој и зачувувањето на животната средина.
Организаторите најавуваат дека одбележувањето ќе започне со посета на пчеларската фарма „Алчинов“ во Мрзенци, а официјалното отворање на настанот е закажано за 11 часот на Градскиот плоштад во Гевгелија. Пред присутните ќе се обратат министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски, градоначалникот на Општина Гевгелија, Андон Сарамандов, амбасадорот на Република Словенија Грегор Прескер, како и претседателот на Пчеларската федерација на Македонија, Игор Илков.
Програмата предвидува едукативни и креативни активности подготвени од деца од градинките и од основните училишта од Гевгелија, а посетителите ќе имаат можност да го проследат симболичниот перформанс „One Flight“, активноста „Honey Post – пораки до иднината“, како и „Honey Oath – From Triglav to Vardar“, со порака дека пчелите ги поврзуваат народите и природата. На настанот ќе биде отворен пчеларски штанд, а ќе се одржи и изложба на уметнички творби, додека во муичкиот дел ќе настапат културно-уметнички друштва од Гевгелија.
Светскиот ден на пчелата се одбележува на 20 мај, во чест на раѓањето на Антон Јанша, пионер на современото словенечко пчеларство, а пред десет години овој ден е официјално признат од Обединетите нации како глобален повик за заштита на пчелите и биодиверзитетот.
МИА
