Во организација на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, денеска во Скопје се одржа настан со кој официјално беше означен почетокот на ИПАРД 3 програмата. На настанот свое обраќање имаа вицепремиерот Маричиќ, министерот Николовски, директорот на Платежната агенција, Никица Бачовски и раководителот на секторот за управување со претпристапни фондови на ЕУ за рурален развој, Живко Брајковски.

Нова вест во ИПАРД 3 е тоа што сите набавки можат да потекнуваат од која било земја, услов кој според Брајковски ќе ја скрати околу еден месец процедурата, бидејќи самото докажување на потеклото на стоките во самите инвестиции беше прилично макотрпна работа.
Брајковски информираше и дека се подигнати праговите за минимална инвестиција за мерките 1, 3 и 7.
„Праговите за минимална инвестиција се подигнати за мерките 1, 3 и 7 со тоа што сите оние кои имаат инвестиции под овие минимални прагови, ќе можат да аплицираат по Националната програма за рурален развој. Тоа е компромисот што го направивме заедно со Европската комисија за да не се доведеме во ситуација да имаме конкурентност и преклопување на двете програми. Сите оние кои ќе бидат со инвестиции под 20.000 евра ќе конкурираат во Националната програма, ќе зајакнат и како такви после ќе можат да конкурираат за ИПАРД.“

Брајковски информираше дека се очекува двата повика да бидат објавени до крајот на јуни 2023 година.
„Предвидена е информативна кампања и таа ќе опфаќа два повика. Последниот или 9. повик од ИПАРД2 програмата 2014-2020 ќе се однесува за Мерка 3, инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи и тука ни се достапни над 9 милиони евра. Првиот повик од ИПАРД3 програмата ќе се однесува на Мерка1 или инвестиции во примарно производство и Мерка 7 Диверзификација на фарми и развој на бизниси, каде што имаме достапни над 20 милиони евра. Очекуваме двата повика некаде до крај на јуни 2023 година да бидат објавени во Службен весник.“
Кампањата предвидува над 40 населени места кои ќе бидат посетени од утре, 3 мај, до средината на јуни.
„Стартуваме во Ранковце, Крива Паланка, Теарце, Јегуновце и во петок сме во Росоман и Кавадарци“, рече Брајковски.

