Во село Јагодњак, општина Барања, во понеделникот изутрина се случи напната ситуација кога ветеринарските тимови испратени од Министерството за земјоделство на Хрватска со налог за еутаназија на свињите се обидоа да влезат во дворовите на одгледувачите на свињи. Мештаните масовно се собраа пред општинската зграда и изразија силен отпор против мерката за колење на сите свињи како превенција од ширење на африканската свинска чума.
Министерството нареди дека сите сточари од општина Јагодњак мора да овозможат транспорт на животните до кланиците, но селаните се револтирани од непостоењето јасни информации и гаранции за надомест на штетите. Многумина истакнуваат дека вложиле големи средства и дека државата не може да им ги надомести загубите.
Свирежите и повиците „Не ги даваме нашите свињи!“ го одбележаа протестот, а жителите дури ги заклучија металните врати на ветеринарската станица и ги блокираа излезите, спречувајќи ги тимовите да излезат и да започнат со еутаназијата по домовите.
По долгата тензија и заканите за интервенција на полицијата, сточарите на крајот се повлекоа, а ветеринарите започнаа со спроведување на мерката. Планирано е да бидат евтанизирани околу 1500 свињи, што сериозно ја загрозува егзистенцијата на многу семејства кои се занимаваат со одгледување на свињи во овој регион.
