Иако календарски есента уште не е ни до половина, метеоролозите од AccuWeather веќе откриваат какво време нѐ очекува во текот на зимата и ја објавија годишната зимска прогноза за Европа.
За да им помогнат на жителите ширум континентот да се подготват за зимските денови, метеоролозите Тајлер Ројс и Алан Реперт објавија долгорочна прогноза за времето во Европа.
На многу начини претстојната зима во јужниот дел на континентот ќе биде слична на минатогодишната зима.
Според Ројс, оваа зима бурите ќе бидат во постојан пораст во Шпанија и Јужна Франција. Не е изненадувачки што покрај обилните врнежи силните ветрови ќе бидат примарна опасност.
„Секоја бура која на почетокот влијае на Шпанија или Јужна Франција може да доведе до неповолни временски услови. Дури и без бури, делови од Јужна Европа ги чека влажна зима“, предвидува Ројс.
Според најавите, оваа зима ќе пристигне обилна влага од Медитеранот во Италија, на Балканот и поголемиот дел од Турција. Метеорологот Реперт предвидува дека поради овој постојан проток на влага ова подрачје го очекува невреме по невреме.
По рекордните обилни врнежи од дожд, кои оваа есен ги зафатија областите долж Медитеранот, вклучително и Јужна Франција и Италија, дури и умерените врнежи од дожд може да резултираат со надојдени реки, што може да предизвика поплави.
Метеоролозите предвидуваат дека дел од Јужна Европа ќе биде заобиколен од најлошото невреме. Се предвидува дека Јужна Португалија и Југозападна Шпанија ќе се соочат со периоди на мирно време оваа зима.
„Температурите оваа зима во поголемиот дел од Јужна Европа се очекува да останат просечни за сезоната. Меѓутоа температурите во делови од Италија, Грција и на Балканот понекогаш може да се искачат над нормалата“, рече Ројс.
Секоја бура што ќе го помине Балканот и ќе се упати на север кон Централна Украина и северните области, веројатно ќе наиде на изобилие од студен воздух што веќе е присутен. Судирот на влага со остар воздух ќе доведе до чести периоди на врнежи од дожд и снег во поголемиот дел од внатрешноста на Источна Европа.
За разлика од бурите на југот, за Северна Европа не се предвидува дека ќе се соочи со нестабилно време оваа зима.
„Бурните ветрови оваа зима нема често да се движат од запад кон исток, што ќе доведе до суво време за Велика Британија, Ирска, Германија, Данска, Норвешка и Шведска“, објасни Ројс.
Посушната зима е добра вест за некои делови од регионот кои претрпеа невидени поплави ова лето.
Покрај тоа, не се очекува температурите да бидат подложни на екстремни варијации во првата половина на зимата.
