Facebook Youtube
Agrotim.mk
Ad image
  • Дома
  • Агровести
  • Пазари
  • Субвенции
  • Фондови
  • Механизација
  • Рурален Развој
Читате: Диви свињи ноќе берат грозје во Тиквешко
Agrotim.mkAgrotim.mk
Зголеми текстAa
Пребарај
  • Дома
  • Агровести
  • Пазари
  • Субвенции
  • Фондови
  • Механизација
  • Рурален Развој
Заследи не
СИТЕ ПРАВА СЕ ЗАДРЖАНИ © АГРОТИМ МК - 2024
Agrotim.mk > Рубрика > Агровести > Диви свињи ноќе берат грозје во Тиквешко
Агровести

Диви свињи ноќе берат грозје во Тиквешко

Објавено 19/10/2020
Сподели
6 мин. за читање
Сподели
Ad imageAd image

Ноќна берба на грозје од страна на диви свињи се случува за време на гроздоберот во Тиквешко. Лозари потврдуваат за МИА дека годинава родот од лозјата го делат со шумски животни. Дознаваме дека ова се случува во Кавадаречко, Неготинско и Демиркаписко. Се зема данок од мускатните благи сорти грозје, но и од најзастапената црна сорта винско грозје, „кратошија“ и „вранец“. Или како што велат лозаропроизводителите, животни јадат сè што ќе начекаат.

На фотографиите јасно се гледа грозје паднато на земјата од лозјето, кое останало под налетот на гладната дивина. За тоа кој се гоштавал со овошје говорат трагите од стапалките наоколу. Почвата е како преорана.

Младиот Дарко Најдов, жител на поткожувското село Горна Бошава, потврди за МИА дека дивите свињи овој гроздобер се насладувале и од грозјето во Бошавијата. Во месностите Скалата, Свињиште и други.

– Го јадат грозјето, но идат и по ореви, лешници. Па така пред некој ден влегоа во еден овоштарник на десетина метри од селската црква „Свети Илија“. Таму отишле по сливи, јаболка, круши, а раскопале и од посадениот компир, појасни Најдов.

Ортаци на газдите за време на гроздобер

– Вистина е дека не се мали количините грозје кои се обрани од дивите свињи, наместо да завршат за тиквешко вино или домашна препечена ж’та. Кај што фатиле, редум јаделе. Во мојот лозов насад од три декари апнале грозје од еден декар. Не знам која е причината, дали се намножиле или пак останале без храна и вода во повисоките места на планините, каде што вообичаено живееја. Се сладат со сите сорти грозје, ама ми се чини дека најмногу ги обожаваат миризливите гроздови зрна. Во моето лозје, на пример, го обрале и грозјето без семки, кое главно завршуваше за слатко, па годинава нè оставија без омилениот десерт, рече тиквешанец.

Благој Стојков, долгогодишен ловџија од Кавадарци, кажа дека на одделни места во Кавадаречко, дивите свињи се како ортаци на газдите на лозјата во време на гроздобер.

– Ловец сум над 40 години. Вистина е дека има многу диви свињи. Најмногу во шумата и во планината, но ги има и на места на кои порано ги немаше. Тие се навртија и по селата, во пониските делови, кои некогаш беа несвојствени за нив. Порано беа високото и не се симнуваа долу по грозје. Сега најверојатно немаат што да јадат горе, па затоа слегуваат долу. Ама и ниското, кое порано беше чистини, сега како да се пошуми. Нивите со децении оставени без некој да ги работи, самите што се вели се пошумија со смреки, станаа орман. Дивите свињи крадат грозје и во моето родно село Чемерско, под Кожуф. „Вранец“ има, „вранец“ јадат, кажа тој.

Го прашавме дали е можно да се испијанат од јадење грозје, како една коза за која слушнавме дека се прејала грозје, па се тетеравела.

– Од комиње можеби и може да се заматат, оти тоа е веќе кинисато на вино. Од грозје не им е ништо, та дури и да се прејадат со ова овошје, истакна тој.

Несекојдневни пијанки, овци и крави се најале пресно комиње и се натрескале

Пред 14 години се случи една несекојдневна пијанка, кога овци и крави се испијанија од комиње во Тиквешко, како најголем лозаровинарски регион во државата.

– Не знаев дека овците можат да се опијанат од комиње! Им дадов малку од пресното комиње од винарска визба, а потоа ги отерав да се одморат под едни дрвја. Верувале или не, сите до една паднаа. И почнаа да се препелкаат,  раскажа тогаш сточар од Неготино, за необичната пијанка на своето стадо.

Се загрижил.

– Што да правам сега, си реков. И ги оставив до зајдисонце да се трезнат. Кога малку си придојдоа на себеси, полека, полека ги отерав накај дома. Само пет овци ми останаа мртви пијани. Тие не можеа да се отрезнат и да станат на нозе. По нив се вратив со коњската кола и ги товарив на неа. Да ми кажуваше некој, немаше да верувам. Беа исти како човек кога ќе препие вино или ракија. Кога ќе претера и не си ја знае мерката, објасни тогаш сточарот.

Откако му се случило ова, тој знаеше дека на стоката може да ѝ се дава комиње, дури и дека тоа било добра храна за неа, ама да е отстоено најмалку 15 дена. Да е превриено.

– А штом чуре, превриено е. Во спротивно, ќе ги кутне овците или кравите!, велеше сточарот.

Токму такво беше комињето што тој и неговиот пријател го собираа во близина на винарска визба. Превриено, чуреше. Потоа дома го мешале со пченица, крма и слично. Убаво било и само комиње, но уште поубаво мешано.

– Со мезе, се шегуваше сточарот.

– Превриеното комиње не е штетно и за стоката е како чашка вино за здравје. За расположение. Оти и на добитокот му треба расположение како што им треба на луѓето, се мајтапеше искусниот сточар во третата доба од животот.

Тогаш ни раскажа и за друг случај.

– Во Неготинско имаше случај кога крави се најале пресно комиње и се натрескале. Тие што успеале да легнат, поспале и се отрезниле. На една од пијаните крави ѝ се „разиграле“ нозете, една наваму, друга натаму и скршила една нога, раскажуваше дедото сточар.

МИА

Може да ви се допадне

Славески: Народната банка треба да добие механизми за ограничување на банкарските надоместоци
Бјорн Наумовски Вискиус за МИА: Овдешната бирократија е вистински шок за Швеѓаните, но и тие можат многу да научат од овде за топлината и прилагодливоста во тешкотиите
Во грчките градови Кожани и Агринио уапсени 13 лица за измами со европските земјоделски субвенции во висина од 2,5 милиони евра
Формиран совет за унапредување на високото образование и стратешки истражувања на Стопанската комора
Без струја делови од Бутел
Таг:гроздобергрозјеДиви свињиТиквеш
Претходен напис ПАНДЕМИЈАТА како мотив за промена на навиките кон подобро!
Следен напис Имаме среќа да живееме во земја каде растат КАЛИНКИ!
Остави коментар Остави коментар

Напишете коментар Откажи одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Ad imageAd image
Ad imageAd image
Ad imageAd image
Ad imageAd image
Ad imageAd image
Ad imageAd image
Ad imageAd image
Ad image
Страници

Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој


Агенција за храна и ветеринарство


Регистри на државно земјиште


Електронско наддавање


ИПАРД


Државен инспекторат за земјоделство


Агенција за поттикнување на развојот на земјоделството


Консолидација на земјоделско земјиште


Македонски почвен информативен систем (МАСИС)


Кампања на ЕФСА „Стоп за африканската свинска чума“


МЗШВ закони


/ Накратко за нас /

Агротим.мк е специјализирана платформа за информации од агрокомплексот и агроберза.

Агротим.мк функционира како сервис на земјоделците и претставува систем кој ги интегрира сите чинители во овој сектор – Земјоделските примарни производители, преработувачите, откупувачите, трговците и Владата преку доближување на мерките кои се во интерес на профитабилен агробизнис.

Голем дел од нашиот ангажман го посветуваме на едукација на земјоделците преку директни контакти и средби, а со цел приближување на европските стандарди за конкурентно и профитабилно земјоделство.

/ Страници /

  • • За нас
  • • Импресум
  • • Маркетинг
  • • Услови за користење
  • • Контакт
Ad image
СИТЕ ПРАВА СЕ ЗАДРЖАНИ © АГРОТИМ МК - 2024
Welcome Back!

Sign in to your account

Lost your password?