Денес православните христијани го одбележуваат празникот Прочка – Велики поклади, ден посветен на меѓусебното простување и духовното очистување пред почетокот на Велигденските пости. Овој празник секогаш се паѓа во недела и е точно седум недели пред Велигден.
Суштината на Прочка е едноставна, но длабока – да побараме прошка од ближните и да им простиме од срце. Според христијанското учење, проштевањето е израз на љубовта и првиот чекор кон духовно обновување и чиста душа пред постот.
Во македонската традиција, помладите бараат прошка од постарите со зборовите „Прости ми“, на што се одговара „Простено да ти е од мене и од Бога“. Семејствата се собираат на заедничка трпеза, а вечерта завршува со познатото амкање јајца – обичај што носи радост кај децата и симболично го означува преминот од мрсна кон посна храна.
