Повеќе пожари на отворен простор беа пријавени во Скопскиот регион до 20 часот, при што горела претежно сува и ниска вегетација, како и овоштарник, информираа вечерва од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
По сите пријави веднаш интервенирале екипи на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, а благодарение на навремената реакција најголемиот дел од пожарите се ставени под контрола или целосно се изгаснати.
-Благодарение на навремената реакција на терен, пожарите на следните локации се веќе ставени под контрола или целосно изгаснати. Волково (ул. 22, општина Ѓорче Петров); Кучевишка Бара (општина Чучер Сандево); Катланово; Кадино – патот кон Ајватовци (општина Илинден); Лисиче (кај Чатал); Бунарџик (општина Илинден); Катлановска Сушица;
Добри Дол – Терминал (општина Сопиште). Во тек е интервенција на следните локации: атарот на с. Блаце – Катланово (општина Петровец); влезот во с. Сушица (општина Петровец), каде гори овоштарник; с. Страхојадица (општина Зелениково), каде гори сува трева – информираа од ЦУК.
Од Центарот за управување со кризи истакнуваат дека благодарение на брзата интервенција, добрата координација на сите ангажирани служби и пожртвуваноста на пожарникарите, состојбата во најголем дел од Скопскиот регион е ставена под контрола.
– Дополнително, Центарот за управување со кризи оствари координација и со Дирекцијата за заштита и спасување за обезбедување дополнителна поддршка и надзор на терен, со цел целосно ликвидирање на преостанатите активни жаришта – велат од ЦУК.
МИА
