Во Скопје денеска се одржува „BLUE ECONOMY SUMMIT“ посветен на подобрата животната средина и водата како ресурс што може и треба да овозможи економски развој преку искористување на потенцијалот за создавање зелени работни места. Северна Македонија има одлична местоположба и клима, совршени идеи за развој на сината економија, но потребна е поголема институционална поддршка и свест кај приватниот сектор, смета експертската јавност.
Министерката за животна средина Каја Шукова, која беше еден од говорниците на отворањето на настанот, истакна дека ваквите иницијативи покажуваат колку водата е непроценлив ресурс и колку мора да се грижиме одржливо да ја искористуваме.
-Сите знаеме дека Република Северна Македонија има питка вода, има количини кои за жал, нерационално се користат, пред се заради фактот дека имаме стари системи за водоснабдување и големи загуби на вода. Крајно време е согласно Зелената агенда, она што Европа ни го дава како начелна рамка, да почнеме да преземаме сериозни чекори за намалување на загубите на вода преку унапредување на системите за водоснабдување и да продолжиме со процесот на третман на отпадни води на кој во последните неколку години сериозно работиме преку изградба на системи за третман на отпадните води, рече Шукова.
Владата, потенцира таа, континуирано во последните неколку години ги зголемува средствата за унапредување на животната средина, а особено за собирање и третман на отпадните води.
Во однос на езерата и нивната заштита, но и економскиот потенцијал, министерката Шукова вели дека проценките ги имаат не само преку стратешките документи во делот на животната средина, туку и во делот на економијата, особено во делот на климатските промени.
– Сите во еден момент ќе се соочиме со проблемот на водата. Кажав дека имаме потенцијал, треба одржливо да ги користиме водите. Тоа е она на кое што работиме како политика, тоа е она на што работиме со локалните самоуправи, да им кажеме системите кои што ги управуваат на локално ниво дека мора да бидат поодржливи, дека во 21 век загубите на вода не смеат да бидат 30-40 или 50 проценти во еден систем за водоснабдување, а за жал се соочуваме со тоа, рече Шукова.
Во однос на езерата, поточно за Преспанското езеро, како што рече Шукова, се соочуваме со неколку аспекти, прво дека понира во Охридското езеро.
– Таму сега се прават анализи да видиме дали и покрај природното има и некои други фактори шѕо влијаат на Преспанското езеро, иако во моментов немаме такви сигнали. Како држава секогаш сме имале план и стратегија. Она што ни недостасува многу често е имплементацијата, вели Шукова додавајќи дека водните ресурси се користат за наводнување, вклучувајќи го и Преспанското Езеро.
Во однос на Охридското Езеро, министерката истакна дека се носат два законa кои се во согласност со препораките на УНЕСКО – Законот за Студенчишко Блато, кој е во собраниска процедура и Законот за Охридското Езеро кој е на јавна расправа, а чија што цел е да се дорегулираат работите утврдени како недостатоци во изминатите години. Таа се надева оти Законот за Охридското Езеро многу брзо ќе влезе во Собрание и ќе побара консензус од сите политички партии да се донесат двата закона.
Според првиот човек на Самитот и претседател на Prime Blue Institute Зоран Мартиновски, водата е најскапиот ресурс што го имаме на планетата.
-Се соочуваме со ситуација нашите води да се во опасност и според некои анализи, Македонија е во групата на земји, најзагрозените во Европа и во светот. Сериозни анализи покажуваат дека до 2040 година ризикот поврзан со вода во Македонија надминува 80 проценти. Што значи тоа? Дека денес ни е потребна иницијатива, заедно меѓународните финансиски институции, владата, локалната самоуправа, невладиниот сектор, академијата, медиумите треба да проговорат на оваа тема, рече Мартиновски.
Според него, сите институции кои користат вода треба да го променат начинот на користење и концептот на работење бидејќи за водата нема алтернатива.
Вели дека треба да биде усогласена легислативата и таа соодветно да се имплементира од страна на компаниите.
Евроамбасадорот Дејвид Гир, кој исто така присуствуваше на настанот, посочи дека сината економија е дел од Зелената агенда на Европската унија, која е силно посветена да ја заштити животната средина и екосистемите. Неговата порака е Северна Македонија да го искористи процесот на проширување до максимум за да ја заштити животната средина и екосистемот.
И претседателот на Сојузот на стопански комори Трајан Ангелоски смета дека мора максимално да се посветиме кон екологијата и да почнеме да инвестираме во тој сегмент во вистински смисла на зборот. Според него, во моментот многу работи недостигаат.
– Ќе треба огромни инвестиции да се прават во следниот временски период и да го промениме начинот на размислување и на однесување за да бидеме дел од Европа, вели Ангелоски. Треба да се посветиме на Зелената агенда на ЕУ односно во инвестирање во обновливи извори на енергија и сите овие еколошки мерки кои следуваат заштита на водите итн.
Амбасадорката на Шведска, Ами Ларсон Јаин вели дека Северна Македонија треба да работи на заштита на слатководните води што ги има, а од друга страна да ги ползува економски. Посочи на неколку примери на екотуризам од Шведска, преку кои исто така се обезбедуваат и вработувања. Смета дека земјава го има Охридското езеро и има можности да се развие нов концепт на еко туризам.
На самитот присуствуваа амбасадори, менаџери на најголемите банки во земјава, експерти за екологија, домашни бизнисмени и проект менаџери кои ќе дебатираат како да се зачуваат водите и да се разбуди свеста кај фирмите, а ќе бидат пренесени и светски искуства и глобални трендови на овој план. Учествуваат и експерти од десет земји, кои ги пренесоа сопствените искуства, а ќе се овозможи и вмрежување за поддршка на сината економија.
Самитот за сина економија е во организација на „Prime Blue Institute“, во партнерство со CEI (Central European Initiative).
МИА
Напишете коментар