Слога Пром од Кавадарци е уште еден пример за успешна компанија која што се развива веќе 33 години, период во кој од семеен бизнис израсна во значаен чинител во економијата на земјата, дисциплиниран даночен обврзник, но и силен поддржувач на локалната заедница. Ова беше заклучокот од вчерашната посета на вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи кој со директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска и нејзиниот заменик Тахир Беџети, остварија средба со менаџерскиот тим на Слога Пром.
„Слога Пром денеска е компанија со над 90 вработени, повеќе од 160 прехранбени производи, сопствен магацински простор и капацитет за комплетно задоволување на домашниот пазар. Во растот и развојот на компанијата многу придонесе имплементацијата на напредните стандарди за работа како и примена на современа технологија на работа, со што обезбедуваме врвен и постојан квалитет. Растечката потреба на пазарот од замрзнат зеленчук, месо и риба, дополнително го поттикнува понатамошниот развој на Слога Пром поради што инвестираме во проширување на портфолиото на производи, зголемување на капацитетите и подигнување на стандардите за квалитет на замрзната храна, воопшто на домашниот пазар“, изјави Ласко Јованов, генерален директор на Слога Пром, Кавадарци.

Слога Пром како семеен бизнис израсна во силен препознатлив бренд со тенденција за понатамошно растење и развивање и како таква може да биде инспирација и мотив за други компании, беше заклучокот од посетата.
„Компанијата „Слога Пром“ од Кавадарци е една од многуте успешни семејни традиции на кои сведочам при посетите на компаниите кои финансиски ги помагаме преку Законот за финансиска поддршка. Основачот Зоран Јованов на домашниот пазар внесе избор од вкусна, здрава и лесна за подготовка, замрзната храна, денес препознатлива по новосоздадениот бренд „Слога”, а почна скромно да се развива во 1990 година, но денес важи за компанија која работи по најновите европски и светски трендови во декларирањето и означувањето на производите според НАССР и GS1 стандардите.
Мило ми е што Владата во два циклуса ја има подржано преку Законот за финансиска поддршка на инвестиции, што впрочем е наша заложба како Влада, да се грижиме за нашите успешни компании, тие се клучни за економскиот развој на нашата земја, но и за рамномерниот развој.“, рече Битиќи.

Слога Пром од Кавадарци е компанија која над три децении е присутна на македонскиот пазар и перманентно работи на задоволување на потребите на современиот потрошувач, применувајќи ги најновите знаења и стандарди за пласман на квалитетна и здрава храна. Портфолиото на компанијата е богато и разновидно, исполнето со тоа што е барано на пазарот и од потрошувачите. Компанијата е истовремено и една од најангажираните деловни субјекти во поддршката на локалната заедница. Посебно е активна преку донации во локалните училишта со цел олеснување на образовниот процес и пристапот до образование, а вложува и во изградба на спортски терени и развој на спортскиот дух кај младите.

