И покрај горештините, Беровско Езеро располага со доволни количини вода за водокорисниците. Зоран Аговски, директор на подружницата на АД ,,Водостопанство” на РСМ информираше дека самиот факт што водостојот е на 3,5 метри пред прелив говори дека во езерото има доволно количини на вода.
– Ние стопанисуваме со акумулацијата на Ратевска Река или попозната како Беровско Езеро. Во оваа година и покрај големите горештини успеавме да обезбедиме да има доволно количини за водоснабдување, наводнување, значи на некој начин е намалена потрошувачката за производство на електрична енергија имајќи ги во предвид горештините, имаме доволно количини на вода, езерото е 3,5 метри пред прелив, што значи да се дојде до една ваква количина, тоа е стварно на завидно ниво – рече Аговски.
Подружницата истовремено врши редовно наводнување како и снабдување со сурова вода за потребите на Јавното комунално претпријатие кое во моментот исто така нема никаков проблем.
-Редовно вршиме наводнување, еве веќе во овој период, дел од нашите корисници по трет и четврт пат имаат наводнувано и ако продолжат така температурите ќе продолжиме да испорачуваме вода непречено за нашите водокорисници, додаде Аговски.
Подружницата на АД ,,Водостопанство” како што додаде и нејзиниот директор, стопанисува и на територијата на Општина Делчево, каде претежно корисниците користат вода од река Брегалница и река Желевица. Со Брегалница додава тој засега нема проблеми, додека попроблематична во однос на количините на вода со кои располага е Желевица каде со редовно и навремено менаџирање досега претпријатието нема регистрирано поголеми проблеми околу водоснабдувањето.
Доколку продолжат горештините и се јави проблем со недостиг на вода, како што додаде Аговски ќе се прават обиди на сите водокорисници да им се обезбеди вода за пиење.
МИА
