Градоначалникот на Берово, Звонко Пекевски, заедно со тимот за имплементација на проекти, учествуваше на првиот состанок во Кожани, Грција, со кој официјално започна реализацијата на новиот европски проект „Just Femme“, финансиран преку програмата Интеррег Европа на Европската Унија.
На состанокот беше потпишан партнерскиот договор со кој Берово станува дел од проектот, во кој учествуваат Грција, Полска, Холандија, Литванија, Бугарија и Латвија.
-Проектот ќе се спроведува во текот на следните три години, во партнерство со пет јавни администрации, две агенции за регионален развој и една високобразовна институција, информираше денеска Пекевски.
„Just Femme“ има за цел да ги промовира територијалните политики што овозможуваат еднакво учество на жените во иницијативите за вработување, претприемништво и обука, со фокус на зелениот и дигиталниот развој.
-Во рамки на работната посета се одржаа активности за запознавање на партнерите, претставување на институциите и градовите, распределба на обврски според работниот план и презентација на методологијата за собирање на податоци, додаде Пекевски.
Вкупната вредност на проектот изнесува 1.574.656 евра, од кои Општина Берово ќе користи 118.700 евра.
МИА
