Берењето на овошјето е последна и многу важна работа во овоштарското
производство и од него многу зависи и успехот на овоштарското стопанисување. Тоа
претставува и крај и награда на овоштарот кој преку целата година вложувал толку
работа и толку материјални средства.
Успехот во извршувањето на бербата е зависен од неколку претпоставки:
- Утврдувањето на оптималниот степен на зрелост
- Внимателноста при бербата
- Погодноста на помошниот инвентар
- Организација на работењето
Успешна берба на јаболка претставува исклучително деликатна работа, при
што се настојува зголемување на продуктивноста на работата, паралелно со
зголемено внимание, да се чуваат плодовите од оштетување. На продуктивноста на
работењето треба посебно да се внимава поради тоа што бербата е работа на која
отпаѓаат просечно 40-50% од сите трошоци на работењето.

Организацијата на бербата започнува со проценката на приносите која се врши
60 дена по прецутувањето. Во текот на август, се врши уште една проценка, заради
корекција на првата. Ваквите проценки се потребни заради обезбедување и набавка
на амбалажа, работна сила, утврдување времето на берба, обезбедување на
транспортни средства и складишен простор и продажба на плодовите.
Обезбедувањето на сезонска работна сила е една од претпоставките за
успешно обавување на бербата. Сезонската работна сила треба со практични
укажувања да се оспособи и подготви, бербата да ја извршат колку што се може
поквалитетно. Најголем ефект на работењето во бербата се постигнува кога берачот
работата ја врши од земјата користејќи ги двете раце. За тоа, се поприсутна е
тенденцијата на напуштање на високите системи на одгледување и ограничување на
растот на стеблата на дофат на работникот. Нормите треба да се поврзат со
квалитетот на бербата, а во цената за берба треба да се вградат и стимулативните
делови за квалитет. Вршени се испитувања на организацијата на бербата, со кои е
утврдено дека со добра организација, продуктивноста на работењето може да се
зголеми и до 70%, а економичноста при работењето и до 100%. Тоа се постигнува
само ако се исполнат следните услови:
-да се примени најпогодна поделба на работењето, според принципот-секој работник
ја извршува работата за која е најспособен.
-да се одбера најоптимална технолошка постапка за вршење на работата (пренос на
амбалажа, берба од земја, берба од скалило или платформа итн),најдобар начин на
берба и манипулација, како и најпогодни услови во насадот, како би можеле
работниците со најмал отпор да ја вршат работата брзо, квалитетно и внимателно.
Работата на бербата јаболка, може да се подели на неколку работни операции
како што се – подготовка на површината во овоштарникот, собирање на паднатите
плодови, довоз на амбалажа и нивен поволен распоред во овоштарникот, довоз на
друг помошен материјал (скалила, платформи, торби и сл), пренос на собраните
плодови до собирниот центар во овоштарникот, довоз на празна амбалажа, грубо
класирање на собраните плодови, заштита на собраните плодови од сонцето и сл.
Дип.инг.агр. Куциноски Ламбе
