Селото Беловиште е сместено во пазувите на Шар Планина, оддалечено дваесетина километри од Тетово, на патот Тетово – Јажинце. Името го добило по беложолтата боја на глината што ја има на една падина над селото. Населбата е од збиен тип на куќи и со повеќе маала: Печинско, Попоско, Маркоско, Степанско, кои се меѓусебно поврзани. Над селото се наоѓа месноста Градиште со остатоци од ѕидини за кои се смета дека се од римско време.


Од селото асфалтирана патека води до црквата „Св. Богородица“, а потоа и до месноста наречена Петачко водиче – каде што има две помали цркви и ресторан, а тука се наоѓаат и првите најмали слапови на Беловишка Река.


Оттаму поаѓаат две патеки – по левата може да се стигне до првиот – понискиот водопад – на висина од околу 1300 м, а десната патека води до погорниот водопад на висина од околу 1600 м. Патеката продолжува до изворите на Беловишка Река и уште погоре до врвовите Ливадица и Пирибег.


Беловишка Река извира од подножјето на Пирибег, врв на западниот дел од Шар Планина. Водите на реката ги формираат трите водопади – Горна Скала, Долна Скала и Петочко Водиче. Третиот и најнискиот водопад локалното население го нарекува уште и Враживир. Водите се спуштаат по речиси непроодниот кањон до тетовското село Беловиште. Оваа ретка природна убавина може да се види на простор од два километра, во вкупна должина од 150 метри.








Цркви во Беловиште
Црква „Св. Петка“ – Беловиште — црква во горниот дел на селото, кај Беловишките водопади;
Црква „Св. Богородица“ – Беловиште -изградена е во почетокот на XX век на местото каде дотогаш постоела мала истоимена црквичка. Оваа црква има најубав живопис од сите цркви во горни Полог. Зографи биле Гавро и Страте од Осој мијачко.
Црква „Св. Јован Крстител“ – Беловиште — црква во горниот дел на селото, кај Беловишките водопади.
Археолошки наоѓалишта
Градиште – утврдена населба од доцниантичкото време
Поле -теагро населба од доцниантичкото време
