Во текот на 2020 година, ветеринарните и инспекторите за храна спровеле вкупно 54.382 контроли, а како небезбедна, инспекторите и операторите уништиле приближно 238 тони на храна, информираше денеска Николче Бабовски, директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, на настанот „Безбедна храна денес за безбедно утре“ по повод 7 јуни – Светски ден на безбедност на храната.
Бабовски истакна дека македонските граѓани треба да бидат сигурни дека консумираат безбедна храна, иако, како што кажа, секогаш, за жал се можни и постојат и одредени пропусти.
– Како одговорна институција и во услови на пандемија, направивме максимални напори да ги заштитиме граѓаните, ги зајакнавме контролите уште од самиот почеток на пандемијата – истакна тој.
Дополни дека расте интересот на граѓаните за безбедност на храната, а преку одделението за заштита на храната во Агенцијата за храна и ветеринарство, од вкупно поднесените 173 претставки, 74 се однесуваат на безбедност на храната.
Од овој настан, истакна Бабовски, ја упатуваме клучната порака дека безбедноста на храната е одговорност на сите, на институциите, науката, бизнис-операторите, но, и на самите потрошувачи и, како што кажа, таа има непосредни и долгорочни придобивки, не само за луѓето и нивното здравје, туку и за економијата во целина.
– Дигиталните иновации, напредокот на научните решенија, но, и почитувањето на традиционалното знаење кое го издржа тестот на времето, во иднина треба да осигураат сè поголемата достапноста на граѓаните кон количините на безбедна храна – сподели Бабовски.
Бабовски одговарајќи на новинарски прашања истакна и дека Агенцијата се соочува со недостаток на кадар при што напомена дека имаат потреба од минимум 20 дополнителни инспектори.
Извор: МИА
