Amazing Macedonia![]()
![]()
![]()
Наскоро и во Вкусот на традицијата!
Пишувајќи ја мојата втора книга, Вкусот на традицијата ( The taste of Tradition) неизбежен и најважен дел е да ја истражувам мојата земја, мојата чудесна Македонија. Патот ме однесе во пределот Белчишки Атар…во посета на селата Белчишта, Лешани, Соши, Ново Село, Сини вирој….ах од убавините на овие места и здивот застанува.

Што ми остави најсилен впечаток, милоста, гостопримството и топлината на жителите на селата. И до ден денешен, лебот и солта ја делат со соседот, не почнуваат да јадат ако не се дојдени пријателите или соседите, последно ако им е ќе Ви го дадат, ќе наздрават и ќе се пофалат со домашната ракија и вино, со домашниот леб и со губата, компирот на Пере, гравчето со коски на Ѓурѓа, а на крајот се завршува со песна од нивниот крај.


Тука и разбојот ја раскажува својата приказна, колку ли килими и черги се исткаени од бабата која со гордост ми вели ,, ова сум јас на сликата кога бев млада” , потоа ве прашува дали си гладна…жедна…ме испрати со зборовите ,, да си ги гледаш децата како очите во главата”.


Ах каква убост, сеуште постои тоа безусловно и безрезервно во луѓето, не им е гајле која си, за нив си ,,човек од крв и месо”, убавини…приказната продолжува кога домаќините и луѓето родум од таму ќе Ви откријат стари обичаи, стари рецепти, по некоја стара песна, за славите, за имендените и се со цел да го запаметите нивното гостопримство од срце.

Старите фотографии на ѕидот, тешки еден тон историја, им будат спомени на безгрижноста и слободата на животот. Поубав чај немам пробано, варен на ќумбето на дрва, мириса до соседниот двор…чајот на Данче…па раскажувањето на Трајче за историјата на местата…




И на крајот преполна со впечатоци се враќам во моето Скопје, дали овде е замрено времето на взаемност, човештина, искреност, какви ли срца во гради бијат полни со завист и отрови, човек страв да го фати. Понесена уште од впечатоци седнувам да пишувам, за следните генерации….дали ќе бидат доволни овие страници???да го испишам тоа што го доживеав…бидете здрави и живи благословени луѓе, останете за пример!
Фејсбук статус на Андријана Алачки

