Општина Куманово и Туристичката организација на Општина Лесковац потпишаа договор за имплементација на прекуграничниот проект „The Pathway to Prosperity“, со кој е предвидена реконструкција и адаптација на визитинг-центарот во меморијалниот комплекс „Пелинце“.
Вкупната вредност на проектот изнесува 663.268 евра, од кои речиси 500.000 евра се грант од Европската Унија. Договорот во Лесковац, Србија, во име на Општина Куманово деновиве го потпиша секретарот на општината Емилија Сларидис Јаневска, заедно со претставникот на Заедничкиот технички секретаријат, Емрах Чоти.

Проектот се реализира во рамки на Програмата за прекугранична соработка Србија – Северна Македонија 2021–2027. Водечки партнер е Општина Куманово, а партнер од Србија е Туристичката организација на Општина Лесковац. Вкупната вредност на проектот за двата партнера изнесува 663.268,60 евра, од кои 497.053,49 евра се обезбедени како грант од Европската Унија, а 166.215,11 евра се сопствено кофинансирање. Од Општина Куманово информираат дека Министерството за локална самоуправа ќе обезбеди дополнителни 15 проценти кофинансирање за општината од својот буџет.

Во рамки на проектот е предвидена сеопфатна реконструкција и адаптација на визитинг-центарот „Пелинце“. Планирана е обнова на сместувачките капацитети, библиотеката и амфитеатарот, како и санација на покривот и стаклената купола на објектот.
Проектот опфаќа и реконструкција на заедничките простории и санитарните јазли, поставување систем за затоплување, како и партерно уредување на просторот околу комплексот, со цел подобрување на условите за организирање културни, туристички и други јавни настани.
МИА
