Земјоделското земјиште зафаќа околу половина од вкупната површина на земјата, а со тоа сушата претставува ризик со директни последици врз производството на храна, приходите на земјоделците и руралната економија. Во услови на намалени врнежи, повисоки температури и подолги сушни периоди, потребата од поефикасно користење на водата и поотпорни производни практики станува сè поизразена, соопшти Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ) по повод Светскиот ден на борбата против сушата.
Од ГИЗ ја истакнуваат важноста за решенија што се тестирани и можат да им помогнат на земјоделците подобро да се приспособат кон климатските последици, што е една од приоритетните области кои преку нив ги поддржува германската Влада.
Климатските проекции за земјата укажуваат дека во сценарио со високи емисии, до крајот на векот температурата може да се зголеми за пет целзиусови степени, летните врнежи да се намалат за 40 проценти, а бројот на летни денови да се зголеми за 50 до 60 дена годишно. Проф. д-р Тошо Арсов од Катедрата за овоштарство при Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје (ФЗНХ), посочува дека климатските промени сè поизразено влијаат врз земјоделското производство.

– Ако погледнеме наназад низ годините, просечната годишна температура на територијата на нашата држава веќе е зголемена за еден до два степени. За континенталните овошни видови повисоките температури имаат негативно влијание. Во комбинација со намаленото количество врнежи, тие создаваат сериозен проблем за одгледување овошни насади без можност за наводнување. Некогаш можевме да кажеме дека сливата во Малешевијата може да се одгледува и без наводнување, а јаболкото во одредени услови со минимално наводнување. Денес веќе не можеме да препорачаме ниту еден овошен вид да се одгледува интензивно, без услови за наводнување. Земјоделството се соочува со појава на ниски температури во доцните пролетни месеци (април-мај), недостиг на вода, честа појава на град, суви и жешки лета и со намалена релативна влажност на воздух. Сето тоа создава притисок и ја зголемува потребата од решенија за адаптација кон овие промени – појаснува проф. д-р Арсов.
Проф. д-р Александра Мартиновска Стојческа од Институтот за агроекономика при ФЗНХ укажува на значењето на земјоделството за економијата, но и на предизвиците што произлегуваат од структурата на секторот, во кој доминираат помали земјоделски стопанства.
– Кај нас, земјоделството е еден од најважните сектори во економијата. Тоа учествува со околу една десетина во бруто-домашниот производ и има приближно ист удел во вработеноста, односно во бројот на ангажирани луѓе во секторот. Во последните години се забележува намалување на неговиот удел и во економијата и во вработеноста, додека самиот сектор вредносно постепено расте. Потенцијалот што го имаме како земја за земјоделско производство е голем, но значајни се и предизвиците со кои се соочуваме. Структурата на земјоделството сè уште се состои од голем број многу мали фарми. Деведесет и пет проценти од фармите имаат помалку од пет хектари земјоделско земјиште, а просечната фарма, според последните податоци со кои располагаме, е 1,8 хектари. Тоа е значително помалку во споредба со земјите од Европската унија, но и со некои од нашите соседи – појаснува проф. д-р Мартиновска Стојческа.
Со германска поддршка, ГИЗ во партнерство со ФЗНХ, во Долно Лисиче, Скопје, неодамна отворија демонстрациско поле на кое се испитуваат различни пристапи за приспособување на земјоделското производство кон климатските промени. На полето се тестираат различни подлоги, растојанија на садење и режими на наводнување, со цел да се утврди кои комбинации се посоодветни во услови на суша, високи температури и други климатски ризици.

– Земјоделското производство е фабрика на отворено. Одредени земјоделски култури можат да се одгледуваат во заштитени и контролирани услови, но во овоштарството станува збор за високи растенија и големи површини што не можат целосно да се заштитат. Затоа, решенијата мора да се тестираат директно на нива, бидејќи едно е во лабораторија, а друго е на терен. Оваа локација ќе покаже со текот на времето како можеме да се справиме со различни климатски ризици. Во лето може да има суви воздушни струења, а во скопската околина, особено во јули и август, има силно сончево зрачење и ризик од изгореници. Честа е и појавата на град, кој може да предизвика значителни штети. Целта е да утврдиме како може да се намали или целосно да се елиминира негативното влијание на овие климатски појави – појаснува проф. д-р Арсов.
Преку тестирање во реални услови, проектот кој се реализира со поддршка на германската Влада преку ГИЗ има за цел научните сознанија да ги претвори во практични препораки за земјоделските производители. Резултатите треба да придонесат за поефикасно користење на водата, намалување на загубите и избор на производни практики што можат подобро да одговорат на сушата и другите климатски ризици.
– Македонско-германската соработка во земјоделството и руралниот развој трае повеќе од три децении. Низ годините, таа се менуваше заедно со потребите на земјата – од поддршка во периодот на трансформација, преку зголемување на продуктивноста, пласманот и трговијата, до денешниот предизвик кој станува сè поважен: адаптацијата кон климатските промени – вели Давид Оберхубер, директор на ГИЗ во државава.
Покрај активностите во Долно Лисиче, проектот предвидува развој на применливи демонстративни решенија, регионална размена на знаење и пренесување на научените лекции меѓу институциите, експертите и земјоделските производители, информираат од ГИЗ.
МИА
