Во организација на Средното општинско училиште „Гоце Делчев“, на 29 април во Валандово ќе се одржи 54. Државен тракторски натпревар за ученици од земјоделско-ветеринарната струка. Валандовското средно училиште ќе биде домаќин на земјоделско-ветеринарни училишта од државата, учесници во натпреварот, кој има за цел да ги пренесе знаењето и вештините од областа на земјоделството.
Натпреварот ќе се одвива во повеќе дисциплини и предвидува демонстрација на практични знаења и умешности стекнати во текот на образованието.
-Ова е можност учениците, заедно со своите професори-ментори, да го покажат нивото на подготвеност, посветеност и професионалност. Земјоделството, како една од најважните стопански гранки и стратешки интерес и на општината и на државата, има потреба од млади, едуцирани кадри кои ќе бидат подготвени да применуваат современи техники и технологии за производство со висок квалитет, конкурентно на домашниот и странските пазари- велат организаторите.
На натпреварот, учениците ќе можат да разменат искуства, да применат нови технологии и да покажат како изгледа современото земјоделско производство.
МИА
