Законот за органско земјоделско производство беше усвоен во Собрание, означувајќи важен чекор кон развојот на земјоделството и усогласувањето на државата со европските стандарди.
Овој закон создава модерна и појасна рамка за развој на органското производство, зајакнувајќи го системот на контрола и транспарентноста на пазарот. Кои барања треба да ги исполнат земјоделците за да можат да се занимаваат со органско растително производство.
Според член 14 од ЗОЗП
(1) За органското растително производство се применуваат барањата утврдени во овој член, како и барањата утврдени во членовите 11, 12 и 13 од овој закон.
(2) Органските земјоделски култури, освен оние кои природно се одгледуваат во вода, треба да се произведуваат во почва или во почва измешана или наѓубрена со материјали и производи одобрени во органско растително производство.
(3) Во органското растително производство се дозволени постапки како одгледување растенија за производство на украсни и зачински растенија во садови кои на крајниот потрошувач му се продаваат заедно со садовите, како и одгледување садници или расад во садови за понатамошно пресадување.
(4) Забрането е хидропонско производство, односно метод на одгледување растенија кои природно не растат во вода, кај кои коренот се наоѓа само во хранлив раствор или во инертен медиум на кој му е додаден хранлив раствор, освен при производството на никулци користејќи го методот на влажење на семето, под услов семето да е органски произведено како и производство на главици од цикорија вклучувајќи и потопување во чиста вода.
(5) Сите користени техники за органско растително производство, мора да спречуваат или намалуваат каков било придонес во загадувањето на животната средина. (6) Барањата за органско растително производство ги опфаќаат и барањата за собирање на самоникнати растенија и барањата за производство на печурки.
(7) Зa прoизвoдство на растенија и растителни производи кои не се растителен репродуктивен материјал се употребува само растителен репродуктивен материјал од органско потекло.
(8) При избор на органски растителен репродуктивен материјал, субјектите треба предност да му даваат на растителен репродуктивен материјал од органско потекло погоден за органско земјоделско производство.
(9) По исклучок од ставот (7) на овој член, ако податоците собрани во евиденцијата од членот 26 став (1) од овој закон покажуваат дека квалитативните или квантитативните потреби на субјектот во врска со растителниот репродуктивен материјал од органско потекло, со исклучок на садници, не се исполнети, контролното тело може да одобри употреба на растителен репродуктивен материјал во преод или растителен репродуктивен материјал од неорганско потекло. Доколку растителен репродуктивен материјал од органско потекло не е достапен на пазарот во Република Северна Македонија може да се користи растителен репродуктивен материјал во преод или растителен репродуктивен материјал од неорганско потекло, над кој не е спроведен третман со фитофармацевтски производи кои не се одобрени за употреба во органското земјоделско производство и само со одобрување на контролното тело. Субјектот треба да приложи доказ до контролното тело за проверка на достапноста на растителниот репродуктивен материјал од органско потекло со тоа што ќе треба да ги приложи барањата до трговците-добавувачи за растителен репродуктивен материјал од органско потекло.
(10) Барањата за органско растително производство поблиску ги пропишува министерот
Службен весник на РСМ бр.56/2026 од 17.03.2026 влегува во сила на 25.03.2026, ќе започне да се применува од 1 јануари 2027 година.
