Инвестициите во земјоделството се клучен предуслов за конкурентно и модерно земјоделско производство. Секоја инвестиција во земјоделска механизација, опрема и погони е влог во зголемено, квалитетно и конкурентно земјоделско производство, од што резултатот се зголемени приходи. Во поширока смисла, инвестициите во земјоделството се особено важни бидејќи земјоделството не е само традиционална гранка во нашата држава, туку е и еден од двигателите на вкупниот економски развој. Земјоделството обезбедува храна и отворање работни места низ целата држава. Еден од начините во услови кога земјоделците немаат сопствени средства, а сакаат да бидат конкурентни, да го модернизираат производството и да инвестираат во нови технологии, се кредитните линии преку комерцијалните банки во Македонија.
Преку кредитните линии земјоделците имаат можност за набавка на современа механизација (трактори, приклучна опрема, системи за наводнување), подобрување на инфраструктурата (складишта, погони, опрема за преработка), финансирање на обртни средства (семиња, ѓубрива, храна за добиток) како и раст и диверзификација на производството за нови пазари.
Кредитните линии од комерцијалните банки им овозможуваат на земјоделците да ја зголемат продуктивноста и профитабилноста на своите стопанства, а токму кредитите ги олеснуваат овие вложувања тогаш кога им се најпотребни за развој.
Дел од банките во нашата држава кои што нудат кредитни линии за земјоделци се НЛБ Банка, Про Кредит Банка, Комерцијална Банка, Халк Банк, ТТК Банка, Централна Кооперативна Банка.
Во продолжение се типот и условите за кредитирање што ги нудат овие банки. Под секоја банка има и директен линк до нивната секција/информации за земјоделски кредити:
НЛБ Банка АД Скопје
НЛБ Банката нуди кредити за земјоделци претпријатија со земјоделска дејност преку ЗКДФ (Земјоделски кредитен и дисконтен фонд) кредитната линија.
Износот на кредитот е до 25.000 евра за индивидуални земјоделци, до 100.000 евра за претпријатија со земјоделска дејност.
Кредитот е со фиксна каматна стапка од 4% за микро и примарно земјоделско производство, 5% за преработка и трговија со земјоделски производи.
Рокот на отплата е до 7 години, со грејс период до 24 месеци.
Отплаќањето на кредитот може да се изврши еднократно, на рати или револвинг.
Притоа, нема трошок за проценка и предвремена отплата.
На следниот линк се сите детали околу начинот на аплицирање и потребната документација:
Линк за аплицирање и потребна документација
Комерцијална Банка АД Скопје
Комерцијална Банка исто така нуди кредити за финансирање на потребите на носители на земјоделски стопанства и на компании кои се занимаваат со земјоделско производство преку Земјоделскиот кредитен и дисконтен фонд – ЗКДФ.
Кредитите на оваа банка од ЗКДФ проектот се наменети за набавка на основни средства и обртни средства за носители на земјоделски стопанства кои имаат поднесено барање за упис во Единствениот регистар на земјоделски стопанства, за мали и средни претпријатија кои се занимаваат со примарно земјоделско производство, за преработка на земјоделски производи и трговија со примарни земјоделски производи наменети за извоз, за носители на земјоделски стопанства и мали и средни претпријатија кои имаат склучено Договор за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој за користење финансиска поддршка од ИПАРД програмата 2007-2013.
Максималниот износ, каматната стапка и рокот на отплата зависат од профилот на апликантот, односно:
До 100.000 евра за кредити со рок на отплата до 8 години, грејс период до 2 години и каматна стапка од 4% годишно за примарно земјоделско производство.
До 300.000 евра за кредити со рок на отплата до 5 години, грејс период до 2 години и каматна стапка од 5% годишно за преработка на земјоделски производи.
До 300.000 евра за кредити со рок на отплата до 4 години, грејс период од 6 месеци до 1 година и каматна стапка од 5% годишно за извоз на примарни земјоделски производи и нивни преработки.
Сите останати детали за овие кредити, начинот на аплицирање и потребната документација се на линкот во продолжение:
Линк за аплицирање и потребна документација
ПроКредит Банка АД Скопје
ПроКредит Банка АД Скопје ја воведува новата Агро кредитна линија, развиена во партнерство со Европскиот фонд за Југоисточна Европа (ЕФСЕ). Преку оваа програма, земјоделските производители ширум државата добиваат можност за финансиска поддршка на инвестиции насочени кон унапредување и модернизација на нивното производство.
Кредитната линија е наменета за набавка на нова механизација, опрема, системи за наводнување, инфраструктурни подобрувања, како и за поддршка на тековното работење и оптимизација на производните процеси.
Целта на програмата е да се овозможи полесен пристап до финансиски средства и да се поддржи континуиран развој на агро секторот, во согласност со реалните потреби на земјоделските производители. Дополнително, сите клиенти кои ќе аплицираат и ќе ги исполнат условите имаат можност да користат грант до 1.000 евра, како неповратна поддршка за нивната инвестиција.
Кредитната линија е наменета за фармери, земјоделци, како и за мали и средни агро претпријатија. Апликациите се достапни во сите услужни единици на ПроКредит Банка низ земјата, како и преку дигиталните канали на Банката.
Со оваа иницијатива, ПроКредит Банка продолжува да обезбедува финансиска поддршка за развојот на земјоделското производство и локалната економија, преку практични и одржливи решенија. Дознајте повеќе за условите на кредитната линија и аплицирајте на: ProCredit Bank – Кредитна линија ЕФСЕ агро
ХАЛКБАНК А.Д. Скопје
Халк Банк нуди кредити за одржлива земјоделска активност преку кредитната линија на Европскиот фонд за Југоисточна Европа (EFSE).
Овие кредити се наменети за поддршка на микро (вклучувајќи и трговци поединци и индивидуални земјоделци), мали и средни претпријатија, за финансирање на работен капитал или инвестициони потреби за одржлива земјоделска активност во согласност со квалификуваните мерки/активности од „Листата на квалификации за одржлива земјоделска активност“.
Износот на кредитите е од 5.000 до 250.000 евра, со рок на отплата до 5 години. Каматната стапка е варијабилна к.с. 5,5% (3,45 п.п. + 6 м. еурибор) за рок до 36 месеци.
Сите потребни детали, начин на аплицирање и потребна документација се на линкот во продолжение:
Линк за аплицирање и потребна документација
ТТК Банка АД Скопје
ТТК Банка преку Земјоделскиот кредитен и дисконтен фонд нуди кредити за мали и средни претпријатија кои се над 51% во приватна сопственост, кои се занимаваат со примарно земјоделско стопанство, односно за постојни мали и средни трговски друштва, за нови мали и средни трговски друштва, за носители на земјоделски стопанства кои имаат поднесено барање за упис во Единствениот регистар на земјоделски стопанства.
Кредитите се наменети за инвестиции во:
- Опрема во капацитетите за преработка на овошје, зеленчук, млеко, пченица, месо, грозје, компоненти на добиточна храна, растителни масла, цврсти масти, печурки, зачински, лековити и ароматични производи, специјални транспортни средства со разладни уреди, изградба, купување нови или реконструкција на постојни производни објекти, инвестиции за намалување на негативното влијание врз животната средина;
- Откуп на земјоделски производи каде што најмалку 70% од основната суровина за преработка треба да биде со потекло од домашно производство, компоненти за производство на добиточна храна, компоненти од неземјоделско производство – најмногу 30% од инвестицијата, амбалажа и етикетирање;
- Услуги за воведување стандарди и ознаки.
Максималниот износ на кредитот е 200.000 евра за преработка на земјоделски производи и за извоз на примарни производи, 100.000 евра за примарно земјоделско производство.
Кредитобарателот треба да обезбеди минимум 20% сопствени средства од вкупната инвестиција. Договорната фиксна каматна стапка е 4% на годишно ниво.
Кредитна линија Земјоделски кредитен фонд преку РБСМ
Централна Кооперативна Банка
Централната Кооперативна Банка нуди два типа на кредити, земјоделски кредит Агро Техника и Микро земјоделски кредит.
Земјоделскиот кредит Агро Техника е наменет за физички лица, регистрирани како индивидуални земјоделски производители и претставува инвестициски кредит за финансирање на инвестициски проекти за набавка на земјоделска техника од добавувачи со коишто Банката има склучен договор или добавувач одобрен по програмата за развој на селските подрачја на Агенцијата ИПАРД, за инвестиции во земјоделска техника.
Минимален износ на кредитот е 123.000 денари, а максимален 1.538.000 денари.
Каматната стапка зависи од тоа дали има договор за субвенции, од кого се купува механизацијата и од рокот на отплата на кредитот.
Сите детали, начин на аплицирање и потребни документи за овој тип на кредит се на следниот линк:
Линк за аплицирање и потребна документација
Микро земјоделскиот кредит е наменет за клиенти дефинирани како индивидуални земјоделски производители и регистрирани правни лица – земјоделски производители со приходи генерирани од основната дејност до 50.000 евра (во денарска противредност). Кредитот е наменет за финансирање на плаќања поврзани со основната дејност односно купување суровини, материјали, стоки, други краткорочни активи, плаќање тековни трошоци.
Минимален износ на кредитот е 500 евра, а максималниот 20.000 ЕУР или во денарска противредност.
Рок за исплата на кредитот за обртни средства е до 36 месеци, а за инвестицискиот кредит до 48 месеци. Максимален грејс-период за главнината по кредитот е до 6 месеци, во согласност со дејноста на клиентот.
УНИ Банка АД Скопје
Уни Банка нуди кредити за инвестиции во земјоделството преку Земјоделскиот кредитен и дисконтен фонд (ЗКДФ). Кредитите се наменети за носители на земјоделски стопанства кои имаат поднесени барања за упис во Единствениот регистар на земјоделски стопанства, со тенденција кога единствениот регистар ќе
профункционира целната група да биде “носители на земјоделски стопанства запишани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства, за индивидуални земјоделски производители и мали и средни претпријатија кои се занимаваат со примарно земјоделско производство, со преработка на земјоделски производи и со
извоз на примарни земјоделски производи, како и за финансирање на инвестиции подржани од ИПАРД програмата.
На следниот линк се наоѓаат сите три типа на кредити што ги нуди оваа банка:
Линк за аплицирање и потребна документација
Кредитите за примарно земјоделско производство се до максимален износ до 100.000 евра со каматна стапка до 4% на годишно ниво, и важат за земјоделски производи од растително и сточарско производство.
Деталите за овој тип на кредит се на следниот линк:
Кредититe за преработка на земјоделски производи се до максимален износ до 300.000 евра со каматна годишна стапка од 5%.
Деталите за овој тип на кредит се на следниот линк:
Линк за аплицирање и потребна документација
Кредитите за извоз на примарни земјоделски производи се до максимален износ до 300.000 евра со 5% годишна каматна стапка.
Деталите за овој тип на кредит се на следниот линк:
ЗКДФ (Земјоделски кредитен дисконтен фонд) – Министерство за финансии
Извор: АгротимПро
