Законот за органско земјоделско производство беше усвоен во Собрание, означувајќи важен чекор кон развојот на земјоделството и усогласувањето на државата со европските стандарди.
Овој закон создава модерна и појасна рамка за развој на органското производство, зајакнувајќи го системот на контрола и транспарентноста на пазарот.
Покрај општите начела, органското земјоделско производство се заснова на следните посебни начела и тоа:
а) одржување и подобрување на животот на почвата и природната плодност на почвата, стабилноста на почвата, задржувањето на вода во почвата и биодиверзитетот на почвата, превенција и спречување на губитокот на органски материи од почвата, набивање и ерозија на почвата и исхрана и нега на растенијата првенствено преку почвениот екосистем;
б) минимална употреба на необновливи ресурси и надворешни влезни материи;
в) рециклирање на отпадот и на нуспроизводите од растително и животинско потекло како влезни материи во растителното и сточарското производство;
г) одржување на здравјето на растенијата со примена на превентивни мерки, особено во однос на изборот на соодветни видови, сорти или растителен хетероген материјал, отпорни на штетници и болести, соодветен плодоред на културите, механички и физички методи и заштита на природните непријатели на штетниците;
д) употреба на семиња и животни со висок степен на генетска разновидност, отпорност на болести и долговечност;
ѓ) при изборот на сорти растенија, да се имаат во предвид особеностите на специфичните системи за органско земјоделско производство, фокусирајќи се на земјоделските карактеристики, отпорноста на болести, прилагодувањето на разновидните локални услови во однос на почвата и климата и почитување на природните бариери на вкрстување;
е) користење растителен репродуктивен материјал од органско потекло, како што е растителен репродуктивен материјал од органски хетероген материјал и од сорти погодни за органско земјоделско производство;
ж) производство на сорти со природна репродуктивна способност и со задржување во рамките на природните бариери на вкрстување;
з) можност земјоделците да користат растителен репродуктивен материјал добиен од нивните сопствени земјоделски стопанства со цел употреба на адаптираните генетските ресурси кон специфичните локални услови на органското земјоделско производство;
ѕ) при изборот на раси на животни, да се има предвид високиот степен на генетска разновидност, капацитетот на животните да се приспособат на локалните услови, нивната одгледувачка вредност, долговечност, виталност и отпорност кон болести или здравствени проблеми;
и) примена на практики на сточарско производство приспособено на локацијата и поврзано со земјиштето;
ј) примена на практики за одгледување животни коишто го подобруваат имунолошкиот систем и ја зајакнуваат природната одбрана од болести, вклучувајќи и редовна физичка активност и пристап до површини и пасишта на отворено;
к) исхрана на добитокот со органска храна (или во преод) за животни, составена од земјоделски состојки коишто се резултат на органско земјоделско производство и од природни неземјоделски супстанции;
л) производство на органски производи од животинско потекло, добиени од животни коишто биле одгледани на органски земјоделски стопанства во текот на нивниот живот од раѓањето или изведувањето;
љ) постојано одржување на здрава водена средина и квалитетот на околните водени и копнени екосистеми;
м) исхрана на водените организми со храна за животни од одржливо искористувани рибни стопанства или со органска храна за животни составена од земјоделски состојки коишто се резултат од органско земјоделско производство, вклучувајќи и органска аквакултура и од природни неземјоделски супстанции и
н) избегнување какво било загрозување на видовите организми коешто може да произлезе од органското земјоделско производство во интерес на нивно зачувување.
Службен весник на РСМ бр.56/2026 од 17.03.2026 влегува во сила на 25.03.2026, ќе започне да се применува од 1 јануари 2027 година.
