Службен весник на РСМ бр.56/2026 од 17.03.2026 влегува во сила на 25.03.2026, ќе започне да се применува од 1 јануари 2027 година.
Со овој закон се уредуваат целите и начелата на органското земјоделско производство, општите и посебните барања на органското земјоделско производство, преработката, доработката, складирањето, транспортот, дистрибуцијата, продажбата, употребата на ознаки за органски производи при означувањето и рекламирањето, контролата, сертификацијата и инспекцискиот надзор, како и други прашања од значење за органското земјоделско производство.
Одредбите од овој закон се применуваат на земјоделски производи добиени во сите фази на органско растително и сточарско производство, вклучително аквакултура и пчеларство, кога такви производи се произведуваат, подготвуваат, означуваат, дистрибуираат, ставаат во промет и при увоз или извоз и тоа:
а) живи или непреработени земјоделски производи, вклучително семенски и саден материјал и друг материјал за размножување, како и производи од аквакултура и пчеларство;
б) преработени земјоделски производи кои се користат како храна;
в) храна за животни;
г) производи тесно поврзани со органското земјоделско производство во секоја фаза од производството, подготовката и дистрибуцијата како:
– квасци што се користат како храна или храна за животни,
– мате чај, слатка пченка, лисја од винова лоза, срцевина од палмови дрвја, изданоци од хмељ и други слични делови што се јадат од растенија и производи произведени од нив,
– морска сол и други соли за храна и храна за животни,
– кожурец од свилена буба погоден за намотување, – природни лепила и смоли,
– пчелин восок,
– есенцијални масла,
– плутани затворачи од природна плута, кои не се агломерирани и без никакви врзувачкисупстанции,
– памук, неискршен или нечешлан,
– волна, неискршена или нечешлана,
– сурова кожа и необработена кожа и
– традиционални растителни препарати на растителна основа.
(2) Одредбите од овој закон се применуваат на сите субјекти или група субјекти кои се вклучени во активностите во секоја фаза од производството, подготовката, означувањето, дистрибуцијата, ставањето во промет, увозот или извозот кои се однесуваат на производите наведени во ставот (1) на овој член.
(3) Доколку со овој закон не е поинаку определено, во однос на органско растително и сточарско производство, вклучително аквакултура и пчеларство, покрај одредбите од овој закон се применуваат и одредбите од посебните прописи од областа на безбедноста на храната, здравјето и благосостојбата на животните, здравјето на растенијата и материјалот за размножување на растенијата, посебните прописи кои се однесуваат на ставање на производите во промет, како и од прописите за уредување на пазарите на земјоделски производи и прописите за декларирање, означување и рекламирање на храна.
