Откупот на земјоделските производи е регулиран со Законот за земјоделство и рурален развој.
Секој земјоделец треба да е информиран за содржината на законот во кој јасно се прецизирани сите негови обврски и права како производител.
Членот 32 од законот се однесува на Договорот за откуп на земјоделските производи.
Член 32
(1) Договорот за откуп на земјоделски производи се склучува во писмена форма.
(2) Договорот од ставот (1) на овој член особено содржи:
– вид на производ и квалитет,
– цена и количина на производот,
– времетраење на договорот,
– локација и време на предавање на предметот од договорот,
– начин и рок на исплата и
– одредби за престанување и раскинување на договорот.
(3) Договорот се однесува за една или повеќе производни години.
(4) Исплатата на откупените земјоделски производи откупувачот е должен да ја изврши во рок од 30 дена од денот на откупот, односно предавање на земјоделскиот производ во откупни центри.
(5) По исклучок на ставот (4) на овој член, договорот може да предвидува авансна исплата со исплата на остаток од вредноста на производот најдоцна до 90 дена од денот на откупот или исплата на средства во висина до 20% од вредноста на производот во рок од 20 дена од денот на откупот и рокот на исплата на остаток од вредноста не подолг од 90 дена од денот на откупот.
(6) Откупувачот е должен податоците од договорот од ставот (2) на овој член, како и измените на податоците да ги внесува во електронска форма во регистарот од членот 4 на овој закон.
(7) Измена на договорот од ставот (1) на овој член договорните страни можат да извршат најдоцна десет дена пред предавање на производот од договорот.
(8) Производителот не смее да склучува договор за количини на даден земјоделски производ за кои има склучено договор со друг откупувач.
(9) Доколку цената од ставот (2) на овој член се одредува како опсег на минимална и максимална цена, износот на опсегот на договорната цена се пресметува како:
– 40% од минималната цена за минимални цени до 10 денари по единица производ,
– 30% од минималната цена за минимални цени од 10 до 20 денари по единица производ и
– 20% од минималната цена за минимални цени над 20 денари по единица производ.
(10) Точниот износ на цената од ставот (9) на овој член се утврдува најдоцна на денот на откупот на земјоделските производи во рамките на договорениот обсег имајќи ја предвид пазарната цена на производот.
(11) Во случај кога пазарната цена е повисока од максималната цена во рамките на договорениот обсег, откупната цена е максималната во договорениот опсег.
(12) Во случај кога пазарната цена е пониска од минималната цената во рамките на договорениот опсег, откупната цена е минималната во договорениот опсег.
(13) Пазарната цена е цена на земјоделските производи на пазарите во Република Македонија за која се води евиденција во Министерството согласно со Земјоделскиот пазарен информативен систем.
Извор – ЗЗРР
