Почетокот на бербата на зелката под стакленици секогаш значи влез во еден од најдинамичните периоди за земјоделците. Но, кога производството е добро испланирано, кога се следат современите агротехнички практики и кога се работи со желба за успех, секоја гајба е потврда дека вложениот труд има вредност, а резултатите се неизбежни.
И токму на ваков пример бевме сведоци во оранжериите„Трнка“ во Богданци на младиот агроном и директор Емил Јованов.
Уште од првиот впечаток се гледа дека станува збор за оранжерија со јасно уреден простор, системски испланирано производство и сериозна инвестиција зад која стои јасна визија.

Инвестицијата е целосно приватна, од сопствени средства. Сега има 18 хектари со зелка, а планот на Емил е да продолжи со инвестиции во зголемување на производството. Вели дека во оранжериско производство нема простор за импровизација, квалитетот се гради со континуирано вложување.

„Инвестицијата е лично сопствена, без субвенции, без кредити. Инвестициите за производството од година во година сè повеќе се зголемуваат, а се покачуваат и репроматеријалите“, вели Емил.
Во прошетката низ оранжеријата, јасно се гледа дека секој ред што се бере сведочи дека оранжериското производство е макотрпен процес, кој бара навремени одлуки и многу вложен труд.


Нема простор за пауза, секој ден носи нова обврска. Од заштита на растението, до навремена берба и подготовка за пласман. Но токму ваквата организираност и посветеност покажуваат дека кога производството се води сериозно, зелката може да биде стабилен и исплатлив агробизнис.
Емил нè пречека во работна атмосфера. Првите главици зелка веќе се берат, сортираат, се редат во гајби и се подготвуваат за извоз.


Во разговорот тој ни раскажа дека оваа година, поради климатските услови, била една од потешките, но сепак со заеднички труд, преидизвиците се надминати.
„Годинава реално беше многу тешка, на почетокот од расадувањето времето беше со многу добри услови, имавме идеални температури, но во текот на вегетацијата наидовме на многу врнежливи денови, ниски температури кои паѓаа и до – 8. Имаше стресни разлики во ноќната и дневната температура, имаше сончеви денови кога во текот на денот температурата знаеше да се покачи до 32 степени, а во текот на ноќта да падне на – 3 до – 5 степени“, вели Јованов.

Дополнителен товар за производството било и поскапувањето на репроматеријалите. Годинава, поради обилните врнежи, се зголемиле и трошоците за заштита. Но, како што вели Емил, секој влог е исплатлив.
„Редовно ја спроведувавме заштитата на растенијата за да не дојде до појава на болести. Оваа година поради обилните врнежи имавме поголеми трошоци за хемиски средства. Но, не штедиме кога се работи за можноста да се добие поквалитетно производство“, вели Емил.
И покрај предизвиците со климатските услови кои на момент го отежнале производството, сепак родот ветува добри приноси и квалитет. Токму во тие моменти, како што ни раскажа Емил, се покажала силата на тимската работа, упорноста и желбата за успех.

„Многу труд вложивме сите. И благодарение на сите вработени, со кои заедно со желба за успех во производството, успеавме некако да ги надминеме тие препреки со климатските промени. Не се штедеа работните часови, не се брзаше дома да се оди, напротив, според потребите за производството и ангажманот, сите застанаа заедно до мене. Заеднички успеавме“, раскажува Емил.

Успехот, упорноста и задоволството на Емил и на целиот тим го забележавме на терен. Позитивна енергија и јасна мотивација за уште поголеми резултати.
Од засадените 18 хектари, Јованов очекува род од 600 до 650 тони зелка од годинешната реколта. За родот има понуди за извоз во странство, но сепак вели дека пазарната неизвесност останува една од најголемите грижи за секој производител. Добриот род не значи автоматски и добра заработка, ако цената не е соодветна.

„Очекуваме берба на околу 600–650 тони зелка. Цената и пласманот веќе ги договараме. Имаме понуди од нашите трговци за извоз во Украина, Полска, Литванија, Турција, во преговори сме и ќе видиме како ќе се развива пазарот и каква цена ќе постигнеме“, вели Емил.
Оранжеријата „Трнка“ е доказ дека иднината е во модернизација, едукација и професионализација на производство.
Иако предизвиците се големи, од климатски промени до нестабилни пазари, примерот на оваа оранжерија покажува дека со сопствена инвестиција, сериозен пристап и континуирано вложување во знаење, земјоделството може да биде стабилен и одржлив агробизнис.
Во исчекување на договорите за извоз, работата на терен не запира и секој ден носи нова динамика.

Оранжеријата „Трнка“ е пример дека и во услови на најтешките предизвици организираното и професионално производство е клучот за одржлив успех и исплатлив агробизнис. А упорноста на нашите вредни земјоделци останува најсилниот двигател на македонското земјоделство.
Под стаклениците во „Трнка“, меѓу редовите зелка, успехот не доаѓа преку ноќ, тој се гради со работа, знаење и тим што верува во резултати.
