Со финансиска поддршка од Европската Унија и со средства обезбедени од Владата, Агенцијата за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво започнува со реализација на значаен проект за поддршка на малите и средни претпријатија во процесот на зелената трансформација.
Овој проект не е само финансиска интервенција, туку стратешка инвестиција во иднината на македонската економија. Преку него ќе се поддржат инвестиции што значат помалку отпад и загадување, поголемо користење на обновливи извори на енергија, намалување на јаглеродниот отпечаток и поефикасно користење на природните ресурси, како и воведување на меѓународни еколошки стандарди кои се предуслов за излез на глобалните пазари.
Во наредните четири години ќе бидат поддржани над 300 компании, а преку механизми на кофинансирање ќе се активираат и дополнителни приватни инвестиции. Особено значајно е што околу 200 компании ќе добијат поддршка за подготовка и имплементација на меѓународни стандарди за заштита на животната средина и одржливо работење, што е директна пропусница за учество во европските и глобалните ланци на добавувачи.
Зелената трансформација не е трошок, туку инвестиција во посилна економија, поздрава животна средина и повисок квалитет на живот за граѓаните. Владата останува силен партнер на бизнис-заедницата и двигател на европската иднина на Македонија.
Фејсбук статус на Христијан Мицкоски
