Најновата мерка на Владата за заштита на земјоделските површини од град, преку авионско засејување на облаците, предизвика голем интерес кај земјоделците но и останатите граѓани кои имаа прилика да сведочат на првата успешна акција пред два дена.
Управата за хидрометеоролошки работи и Аероклуб Скопје, во текот на попладневните часови на 20.05.2020 година, имаа прва успешна интервенција за спречување на појава на град со новата метода за авионско засејување на градоносните облаци.
По најавата за очекувани временски непогоди поради дестабилизација на временските услови на територијата на нашата држава и во целиот Балкански регион, Управата за хидрометеоролошки работи подготвено и успешно го неутрализираше опасниот ефект од очекуваното невреме.

-Состојбата се следи од радарските центри на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) во Гуриште и Тополчани. Тие кога ќе забележат градоносен облак му јавуваат на операторот со авионите за тоа каде се наоѓа облакот и со која количина на сребрен јодит треба да се засее. Инаку двата радар центри имаат постојана врска преку радио станица со авионите на фирмата – изјави за Агротим, Ивица Тодоровски – директор на УХМР.
Со оглед на тоа дека се работи за нова мерка за заштита од град, во јавноста се постави прашање за каков реагенс станува збор, дали е тој безопасен за луѓето и околината
-Реагенсот го набавува фирмата која ги праќа авионите, односно таа го добила тендерот. Тој е 100% еколошки, а зафаќа една третина од вкупната сума на јавниот повик. УХМР предвидел дека ќе потроши од 300 до 800 килограми за една сезона, односно за 6 месеци, а фирмата се обврзала дека ќе ги има – вели Тодоровски.

Првото дејство врз градоносни облаци со авионско засејување е изведено во регионот југозападно од Велес, во Општина Чашка каде е дејствувано во 15:50 часот, со четири палки (400 грама реагенс среберен јодид), врз потенцијално опасен градоносен облак кој после авионското засејување во понатамошниот тек преминал во појава на дожд.
Второто успешно дејство е изведено во регионот западно од Прилеп во Општина Долнени. Таму е дејствувано двапати, еднаш во 16:03 часот со шест палки и повторно во 16:23 со уште шест палки. Во овој регион имаше појава на град, а по дејствувањето со авионско засејување врз градоносниот облак, во понатамашниот тек е забележана само појава на пороен дожд.
Од УХМР посочуваат дека, доколку не беше дејствувано во текот на вчерашниот ден, појавата на град ќе беше од многу поголеми размери и штетата ќе беше многу поголема.

