Одгледувачите на свињи од Република Српска повторно добија зелено светло за извоз на свинско месо на пазарите на Северна Македонија, што на производителите од оваа земја барем до некаде ќе им помогне да ја надминат кризата предизвикана од пандемијата на корона вирусот. На крајот на минатата година македонските власти оставија рок на БиХ до 31 март да ги укине вакцините на свињите против класичната чума, до кога на домашните фармери им беше овозможено да извезуваат свинско месо на тамошните пазари.
Бидејќи задолжителната вакцинација на 1 јануари оваа година ја укина само Република Српска но не и БиХ, извозот на свинско месо на почeтoкот на април беше запрен. За да се пронајде решение за новонастанатиот проблем министерот за надворешна трговија и економски односи на БиХ Сташа Кошарац во април свика состанок на кој е договорено Канцеларијата за ветеринарство на БиХ да изврши зонирање, т.е да ја извести македонската страна дека Република Српска го завршила својот дел од работата, за повторно да и биде одобрен извозот.

Директорот на канцеларијата за ветеринарство на БиХ Љубомир Калаба вели дека институцијата на која тој ја раководи ја завршила својата работа и дека извозот на свиснко месо повторно е одобрен за одгледувачите од Република Српска , како и на оние од Брчко, бидејќи од 1 мај е укината вакцинацијата на свињи против класичната чума.
– „Ја известивме македонската страна дека една зона во БиХ ја прекина вакцинацијата на свињите, поточно Република Српска и Брчко и тие пред десетина дена го деблокираа извозот. Се надеваме дека во догледно време и Федералното Министерство за земјоделство ќе ги заврши сите неопходни работи и ќе предложи на Владата на БиХ укинување на вакцината, за што планираме повторно да ги известиме Македонците. Извозот на свинско месо беше стопиран околу петнаесеттина дена“ , изјави Калаба и додаде дека Северна Македонија сега е отворена за свинско од Српска.
Помошникот министер за ветеринарство на Република Српска, Драган Кнежевиќ вели дека тие инсистирале на деблокада на извозот.

„БиХ не ја заврши работата иако цело време ветуваа дека тоа ќе го приведат до крај. Нема тука некои големи проблеми, само процедурите во БиХ во врска со укинување на вакцината е нешто покомплицирано, бидејќи мораат да се сложат сите кантони. Во целата приказна го вклучивме и Министерството за надворешна трговија“.
Претседателот на Здружението на одгледувачи на свињи во Република Српска, Мишо Маљчиќ вели дека извозот на свинско во Северна Македонија ќе им помогне на домашните фармери од кризата предизвикана од корона вирусот да излезат со што помала штета.
