Жената која заедно со својот сопруг заврши во болница поради труење со спорниот домашен џем, раскажа низ какви тегоби поминале.
Откако полицијата поднесе кривична пријава против 77-годишен државјанин на Словенија, кој на штанд во Рупа продавал џем од кој му се слошило на хрватски брачен пар, сопругата која исто така завршила во болница ја опиша целата ситуација.
„Во саботата бевме на традиционалниот собир на пензионери во Матулји, во Рупа, каде што отидовме за малку да се развеселиме и да се забавуваме. На еден штанд купивме една тегла џем од сливи и една тегла од боровници. Во неделата навечер најпрво го пробавме џемот од сливи и сè беше во ред. Ден потоа го пробавме и џемот од боровинки. Сопругот прв јадеше, а јас само малку пробав“, раскажа таа.
„По неколку часа почна да чувствува проблеми, што ме натера да повикам брза помош, која го однесе во болница“, изјави несреќната жена за, која сакаше да остане анонимна.
„Беше ноќе, околу два часот. Не ме пуштија да одам со него. Малку почекав и пред да тргнам кон болницата изедов две парчиња леб со џем од боровници, без да помислам и без да знам дека токму тоа му ги предизвикало проблемите на сопругот. Потоа се спремив и со автомобилот сама се одвезов во болница“, додаде таа.
Кога пристигнала во болница, и самата почнала да ги чувствува истите симптоми како сопругот, па и таа била задржана на хоспитализација за дополнителни прегледи. „По испитувањата ни кажаа дека станува збор за труење и нè пуштија дома. Го прашав дали ќе имаме последици, ми рекоа можеби само замор, а сè друго треба да биде во ред“, раскажа таа.
„Жал ми е за човекот од кој го купивме џемот, бидејќи сигурно не му била намера да нè отруе, туку со продажбата на својот џем сакал да си го надополни пензискиот буџет. Не сакам да го осудуваат и да го развлекуваат по медиуми, а ние никако не планираме да го тужиме, бидејќи нему веројатно му е потешко отколку на нас“, порача жената.
