За остварување на високи приноси кај зелката се врши интензивна обработка на почвата со употреба на тешка механизација, се употребуваат минерални ѓубриња, како и хемиски средства за заштита. Со тоа се нарушуваат физичките, хемиските и биолошките карактеристики на почвата, а со честата примена на средствата за заштита доаѓа до појава на отпорни штетни организми. Ова има негативно дејство на околината и биоразновидноста, како и неповолно влијание на здравјето на луѓето.
За да се промени овој тренд и да се постигнат високи приноси, потребно е да се бараат нови решенија во борбата со штетните организми со примена на нехемиски мерки на заштита. Со овие мерки се овозможува одржување на штетните организми под критичното ниво, а со тоа и услови за правилен развој на растенијата. Истовремено се намалува ризикот од појава на резистентност, се намалува внесот на средствата за заштита на растението, а за земјоделците помал ризик по нивното здравје.
Во производството на зелка за сузбивањето на штетните организми се преземаат некој нехемиски мерки: агротехнички, механички, биолошки, физички и биотехнички.
Агротехнички мерки
Плодоред е правилна просторна и временска измена на културите на иста површина. Во производството на зелката ова е многу важна мерка, бидејќи со неа се спречуваат штетите од штетниците како зелкова мува, зелков молец, зелкина совица и др. Истовремено, плодоредот има влијание во намалувањето на штетите од растителните болести, бидејќи голем дел од причинителите на тие болести презимуваат на растителните остатоци или на почвата. Таква е килата кај зелката (Plasmodiophora Brassicae) кој користи влажна и кисела почва и каде може да се задржи до 5 години. Други болести кои се пренесуваат на ваков начин се: пламеница (Peronospora Parasitica), сув трулеж (Phoma Lingam), мумификација на главата на зелката (Sclerotinia Sclerotiorum).


Со длабокото орање од 20 до 30 см, сите штетници кој се наоѓаат во почвата се исфрлаат на површината на истата и така изложени на надворешните услови се уништуваат, или стануваат исхрана за птиците. Овие штетници можат да се уништат во текот на вегетацијата со култивација на почвата.
Садењето мора да се изврши во рокот кој е оптимален за секоја култура.
Некои од болестите се пренесуваат со семенскиот материјал од една во друга вегетативна сезона. Со купување на сертифициран семенски материјал или примена на третмани со кои се отстрануваат причинителите на болестите, се добиваат здрави растенија. Некои од постапките за добивање на здрав семенски и посадочен материјал се следните:
- Термотерапија – Семенскиот материјал се третира со топла вода, 25 минути на температура од 50 степени.
- Употреба на чај – Се користи мешавина од чај од камилица, коприва или глуварче. Семенскиот материјал се потопува во истиот неколку часа, а потоа семенскиот материјал се суши. Подоцна истиот чај во разредена форма може да се користи за третирање на расадот.
- Примена на микробиолошки препарати – Се користат разни микробиолошки препарати кои го подобруваат р’тењето на семето, го забрзуваат развојот на растението, ја зголемуваат отпотноста на растението на разни надворешни фактори.
Биолошки мерки
Ова подразбира користење на мерки со кои се врши уништување на штетните организми со природните непријатели, со биолошки препарати, на база со бактерии, габи или растителни препарати. Разните растенија кои слободно растат во природата или ги одгледуваме како култивирани растенија се користат во борбата со болестите и штетниците на зелката или дополнително ја зголемуваат отпорноста на растението. Такви се папратот (Eqvisetum arvense) и копривата (Urttica dioica). Заштитата на зелката од штетници може да се постигне и со алеопатија т.е садење на одредени растенија заедно со зелката кои поради определени супстанции имаат позитивно дејство на зелката, а негативно делуваат на штетниците. Такви се доматот, млечката, мајчината душичка, ренот и други.

Механички мерки
Некогаш има потреба од користење на механичките мерки за заштита на растението, односно со механичко отстранување на делови од растението. Често се користи агротекстилот со што се спречува оштетувањето на растението од штетниците.

Физички мерки
Со примена на обоени лепливи плочи може значително да се намали популацијата на штетниците, а со тоа да се намали количината на употребените пестициди. Така жолто обоените плочи ја привлекуваат зелковата мува и зелковиот молец. Белите плочи ги привлекуваат лисните вошки. Честопати наместо обоени плочи се поставуваат обоени садови наполнети со детергент, па штетниците привлечени од бојата влегуваат во садот.


Биотехнички мерки
Многупати со цел уништување на штетниците се користат феромони, односно хемиски соединенија кои ги лачи инсектот за да привлече други инсекти. Во заштитата на растенијата најчесто се користат сексуалните феромони со цел привлекување на инсектите и нивно уништување.


Со комбинација на сите овие мерки за заштита на зелката, значително се намалува или целосно се исклучува употребата на заштитните стедства. Со тоа се намалуваат трошоците за производство, а позитивно влијае на природната околина и здравјето на човекот.
АПРЗ РЕ Скопје
Дипл. Инж. Агр. Владимир Пинзовски
