Раздвиженост во Струмичко, по пат итаат трактори со приколки натоварени со црвена пиперка ајварка да го однесат родот во откупните пунктови. Градинарите велат дека бербата е во полн ек, но дека оваа година сушата влијаела да имаат намалени приноси.
-Јас имам 30 пластеници со црвена пиперка и очекувам оваа година да наберам околу 20 тони, да не беше сушата родот ќе беше поголем, бидејќи од овие површини може да се собере и повеќе. Еве на пример лани од само два декара набрав 10 тони црвена пиперка или во просек берам по 600 кг од еден пластеник, вели нашиот соговорник 55 годишниот Ќамил Хасанов од село Банско.

Според него, годинава родот е намален а поради жештините пиперката не е во можност да ја апсорбира водата во неа и да порасне па затоа и квалитетот е послаб . Пиперките ги има во многу различни бои и форми, но како што вели тој за да направете ајвар ви треба слатка, црвена пиперка со сјајна лушпа.
– Моментално на пазарите нема некое големо количество пиперка за ајвар. Цената е 45 денари за килограм и не ги покрива нашите трошоци, имаме многу работа околу неа и цената треба да биде барем малку повисока. Ова го зборувам како земјоделец кој целиот свој живот го посветил на градинарството и многу добро знае за проблемите со кои се соочуваат сите земјоделци за да донесат производ од нива до трпеза, смета Ќамил.
Откупувачите велат дека побарувачката е голема и допрва ќе се интензивира за да се пласира на домашниот и на странскиот пазар. Сепак тие очекуваат дека земјоделците ќе бидат задоволни од договорените цени.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, откупувачите, земјоделците и преработувачите минатата недела на заедничка средба договорија повисоки откупни цени на индустриската пиперка од соратата „куртовска капија“од годинашната реколта.
Според министерот, за прва класа откупната цена е 45 денари, за прва и втора 35, за втора 20 и за трета 15 денари за килограм.
-Овие се почетни цени со кои ќе почне откупот на пиперката и ќе трае во текот на откупот. Овие цени за да се одржат мора да се почитува правилникот за квалитет и она што е уште поважно, бидејќи во нашата држава во два региони се произведува оваа пиперка, односно струмичкиот и прилепскиот, бербата да биде договорена со откупувачите и преработувачите за да не се соочиме со зголемена количина во текот на денот и неделата и да имаме застој во откупот како што беше минатата година,изјави министерот Трипуновски.

Откупувачите и преработувачите се согласија дека ќе се придржуваат кон договорените цени во текот на целиот откуп, а Државниот инспекторат за земјоделство ќе биде постојано на терен и ќе се грижи за да се запазат динамиката и откупните цени на црвената пиперка.
За кратко треба да започне бербата на пиперките под отворено , земјоделците водат борба со екстремните жештини и редовно ги наводнуваат површините за да имаат подобар и поквалитетен род.

Струмичкиот регион додека дише во ритамот на зеленчукот информациите од терен говорат дека оваа година производството на црвена пиперка би требало да тежи околу 65 милиони килограми.
