Сериозна опасност вечерва му се заканува на радовишкото село Злеово, каде пожарот се приближил до куќите над селото и постои реална опасност по имотот и безбедноста на жителите.
„ВОНРЕДНА СОСТОЈБА Пожарот станува сè посериозен и е сè поблиску до селото. Апелираме до сите што можат и сакаат да помогнат – да дојдат веднаш!“, се вели во објавата на фудбалскиот клуб Слога од селото.
Жителите организирано се обидуваат да го спречат ширењето на огнената стихија, но тие ги повикаа сите институции, пожарникарите, но и доброволци од околните места да се вклучат во одбраната на селото од пожарот.
Тешка ноќ ќе биде и за жителите на радовишките села Подреш, Јаргулица и Покрајчево, од кои пожарот е оддалечен само околу 500 метри. Советот на општина Радовиш денес и официјално прогласи кризна состојба.
Утре доаѓаат педесетина пожарникари од Словенија и хеликоптер од Чешка, кои ќе помагаат во Малешевијата.
