Новиот предлог Закон за земјоделство и рурален развој е поставен на разгледување на ЕНЕР и се очекуваат коментари од страна на земјоделските производители.
На нашата платформа Агротим ви ги пренесуваме одделно членовите од законот за да имате подобар преглед за областите кои ве интересираат и да можете да земете учество во носењето на овој важен документ.
Значење на поимите
Член 6
Одделни поими употребени во овој закон го имаат следново значење:
- „автохтони видови на земјоделски растенија и автохтони раси на добиток” се домашни растителни и животински генетски ресурси како дел од биолошката разновидност на Република Северна Македонија било да се историски донесени и адаптирани на условите каде што се одгледуваат или пак се локални сорти или видови кои оригинално припаѓаат на подрачјата каде што се пронајдени и истите се употребуваат во земјоделското производство. Растителни генетски ресурси на земјоделски растенија се лозите, фуражните растенија, градинарските растенија вклучително и цвеќиња и украсни растенија, медицинските и ароматичните растенија, овошките, шумските дрва, габите, микроорганизмите и дивата флора која може или се употребува за земјоделското производство. Животински генетски ресурси на добиток се домашните животни за земјоделско производство (‘рбетници и без’рбетници), микроорганизмите и дивата фауна која може или се употребува за земјоделското производство;
- „нациoнална земјоделска политика” е систем на комплементарни политики за уредување и поддршка на земјоделските пазари, директни плаќања за поддршка на доходот на земјоделските стопанства и рурален развој со чие спроведување се регулира развојот и динамиката на земјоделското производство и руралните средини согласно со материјалнотехничките, економските, еколошките и социјалните услови во Република Северна Македонија и согласно со меѓународните спогодби и договори;
3. „земјоделство (земјоделски сектор)” е индустриска гранка на националната економија која вклучува земјоделско производство и примарна преработка на земјоделски производи;
- „примарна преработка на земјоделски производ” е процес на подготвување и чување на примарните производи од растително потекло или животинско потекло до нивно пуштање во промет на начин кој придонесува за зачувување на квалитетот и механичката и хемиската конзистентност;
- „земјоделско производство (земјоделска дејност)” е економска дејност која опфаќа одгледување на едногодишни растенија и оддржување на ливади и пасишта, одгледување на повеќегодишни растенија, одгледување на растенија за семенски и саден материјал, одгледување на животни и живина, примена на агро-еколошки практики во функција на земјоделско производство, мешана земјоделска дејност и помошни дејности за земјоделство и постбербени активности освен ветеринарни и фитосанитарни услуги во согласност со прописите за Статистичка класификација на економските дејности на Република Северна Македонија;
- „преработка на земјоделски производ” е економска дејност која ги опфаќа операциите за претворање на примарен земјоделски производ кој како финален производ е наменет директно за крајна потрошувачка или како суровина за производство на прехранбени производи;
- „земјоделски производ” е физички резултат од земјоделското производство (примарен земјоделски производ). Во земјоделски производи, во смисла од овој закон, спаѓаат производите од Анекс 1 на Договорот за формирање на Европската Унија, освен риби и рибни производи;
- „преработен земјоделски производ” е физички резултат од операциите за преработка на земјоделски производ во преработени земјоделски производи. Во преработени земјоделски производи, во смисла од овој закон, спаѓаат преработки на млеко и млечни намази (Тарифна ознака 0403,0405 20), замрзнат зеленчук (Тарифна ознака 0710), конфекционирани прехранбени производи со додаток на шеќер (Тарифна ознака 1704,1806,1905), разни производи за храна и сосови, вклучувајќи теста, сладолед, супа и друго (Тарифна ознака 1901,1902,1904, 2103,2104,2105), алкохолни и безалкохолни пијалаци вклучително и оцет (Тарифна ознака 22), производи од тутун (Тарифна ознака 2402,2403) преработки од скроб (Тарифна ознака 2905,3501,3809);
- “стратешки земјоделски производи” се земјоделски производи кои се од клучно значење за националната економија во насока на подобрување на сигурноста во обезбедувањето на доволно храна и кои се неопходни за задоволување на основните потреби на населението и индустријата;
- „земјоделски производител” е носителот на земјоделско стопанство или член на семејно земјоделско стопанство или лице кое е постојано или времено вработено на земјоделското стопанство и кое се занимава со земјоделска дејност;
- „земјоделско стопанство” е економска единица под единствено управување (од едно или повеќе лица без оглед на сопственоста, правната форма, големина или локација) на чиј земјоделски имот (кој го поседува и/или располага и/или го поседуваат и/или го располагаат членовите на земјоделската задруга) се врши земјоделска дејност и за кое се води евиденција во Министерството. Земјоделското стопанство опфаќа една или повеќе производни единици. Земјоделско стопанство може да биде правно организирано како трговско друштво или друго правно лице утврдено со закон или семејно земјоделско стопанство;
- „семејно земјоделско стопанство” е самостојна стопанска и социјална единица која се заснова на комбинација од управување и сопственост и/или користење на земјоделскиот имот од членовите на семејството;
- „носител на семејно земјоделско стопанство” е полнолетно лице кое е одговорно за управување со земјоделското стопанство и кое истапува во име и за сметка на семејното земјоделско стопанство и како такво е запишано во Единствениот регистар на земјоделски стопанства во Министерството. Носител на земјоделско стопанство кое е правно лице организирано како трговско друштво или друго правно лице утврдено со закон е самото правното лице, а одговорното лице на правното лице истапува во име и за сметка на тоа земјоделско стопанство;
- „член на семејно земјоделско стопанство” е полнолетно физичко лице кое врши земјоделска дејност на земјоделскиот имот и за кое се води евиденција во Министерството;
- „ земјоделец” е физичко или правно лице или група од физички и/или правни лица без разлика на правниот статус на таа група и на нејзините членови, чие земјоделско стопанство се наоѓа на територија на Република Северна Македонија и кое врши земјоделска дејност;
- „млад земјоделец” е носител на земјоделско стопанство на возраст од 18 до 40 години и кој има соодветни обуки или потребни вештини определени во Националната стратегија за земјоделството и руралниот развој со стратешки план;
- „мал земјоделец“ е носител на земјоделско стопанство чија годишна поддршка за директни плаќања не надминува износ од 30.000,00 денари;
- „нов земјоделец“ е физичко лице кое за првпат е носител на земјоделското стопанство преку преземање на постоечко земјоделско стопанство или со воспоставување на ново земјоделско стопанство;
- „земјоделски имот” е земјоделско земјиште, земјоделски објекти и објекти за домување или престојување на земјоделски производители, земјоделска механизација, земјоделска опрема, животни и живина, повеќегодишни насади и другите средства за земјоделско производство, со исклучок на едногодишни посеви, залиха на земјоделски производи и ѓубриња, средства за заштита на растенијата и семиња;
- „земјоделска површина (прифатлив хектар)” е обработливо земјоделско земјиште (ниви, овоштарници, маслинарници и лозови насади), ливади и пасишта, како и земјиште кое е во функција на земјоделската површина (шумски појаси, меѓи, објекти наменети за одгледување и произведување на примарни земјоделски производи од растително потекло во заштитен простор поставени на земјоделско земјиште и изградени согласно закон);
- „земјоделски објекти” се градби наменети за одгледување на растенија и добиток, чување на земјоделска механизација и земјоделска опрема, чување на бербата, чување на добиточна храна и придружни објекти наменети за земјоделска дејност;
- „земјоделска опрема” се приклучни делови од земјоделска механизација или самостојни единици, кои се наменети за подготовка на почвата и обработка на почвата, култивација на посевите/насадите во период на вегетација, берба, опрема за наводнување, опрема за товарање и транспорт на ѓубриња и добиточна храна, како и опрема во објекти за одгледување на добиток и живина;
- „земјоделска механизација” се земјоделски возила кои се наменети за подготовка на почвата и култивација на почвата, берба, одржување на опрема за наводнување, товарање, манипулација и транспорт на плодовите, товарање и транспорт на ѓубриња, товарање, манипулација и транспорт на добиточна храна, одржување на земјоделски патишта, вклучително и возила исклучиво наменети за земјоделската дејност, со исклучок на објектите за домување или престојување на земјоделските производители;
- „производствени капацитети” се сите расположливи технички, персонални, технолошки, инфраструктурни, градежни и сите останати капацитети кои се во функција на производството;
- „субјект” е физичко или правно лице, друштво, образовна и/или научна институција и јавни претпријатија кои користат или спроведуваат мерки согласно со овој закон;
- „државен субјект” е јавно претпријатие или правно лице чиј оснoвач е Владата на Република Северна Македонија или пак има удел во основниот влог најмалку од 25% од вредноста на основниот влог или најмалку 25% од капиталот или гласачките права на едно друштво;
- „национално здружение на земјоделски производители” е здружение на граѓани во кое членуваат земјоделски производители од најмалку 28 општини во Република Северна Македонија;
- „грло добиток” е единица домашно животно од видовите копитари, говеда, свињи, овци, кози, живина и медоносно пчелно семејство/пчелна матица, како и други видови стопанско корисни животни;
- „условно грло добиток” е грло добиток добиено со математичка пресметка на реално грло добиток помножено со пропишан коефициент;
- „фотоинтерпретација” е постапка на визуелизација на земјоделските парцели со употреба на сателитски или авионски фотографии и снимки со која се одредува границата и употребата на земјоделското земјиште;
- „производна година” е период од една до друга реколта за одделен земјоделски производ;
- „капитална поврзаност” е директно или индиректно поседување, контролирање или држење на 5% или повеќе акции или емитувани удели со право на глас, од страна на еден субјект во друг;
- „семејна поврзаност” е поврзаност на лица кои се сметаат за членови на исто семејство и се во следново сродство: маж и жена; родител и дете; брат и сестра (целосно или полукрвно сродство); баба или дедо и внуци; чичко, вујко, тетин, стрина, вујна или тетка и внук или внука; родители на сопружниците и зет или снаа; девер, шура или баџанак и јатрва, снаа, золва или шура;
- „производна сезона” е времетраење на производен циклус на одделен земјоделски производ;
- “oткупна сезона” е период кога се врши откуп на одреден земјоделски производ и може да биде различен за различни земјоделски производи;
- “пазарна цена” е цена на земјоделските производи на пазарите во Република Северна Македонија за која се води евиденција во Министерството согласно со Земјоделскиот пазарен информативен систем;
- „рурален предел” е географска целина која е сочинета од руралната средина и природните ресурси околу неа;
- „организација на производители на земјоделски производи“ е правно лице со дејност од областа на земјоделството, формирана од правни или физички лица регистрирани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства;
- „асоцијацијата на организации на производители на земјоделски производи“ е форма на здружување на организациите на производители на земјоделски производи;
- „меѓугранкови организации“ се повисока форма на здружување на организациите на производители;
- „училишни шеми“ се систем на мерки за обезбедување на овошје и зеленчук и млеко и млечни производи за децата во градинките и учениците во основните училишта и придружни мерки, со цел подобрување на здравјето и здравите навики во исхраната на децата;
- „оперативен фонд“ е воспоставен механизам за ефикасно и наменско искористување на средствата на организациите на производители на овошје и зеленчук;
- „оперативна програма“ е акт на организациите на производители на овошје и зеленчук за планирање на производството, подобрување на квалитетот на производите и искористување на средствата од оперативниот фонд;
- „репрезентативни пазари“ се пазари од кои се собираат податоци според видот на земјоделските производи и обемот на прометот со земјоделските производи;
- „земјоделска задруга” е организациона форма на доброволно здружување на земјоделски стопанства согласно закон, заради остварување на нивните економски, социјални, културни и други интереси и потреби при вршење на земјоделската дејност;
- „референтна парцела” е земјоделско земјиште со географски ограничена површина која има единствен идентификатор регистриран во системот за идентификација на земјоделски парцели;
- „земјоделска парцела” e непрекината земјоделска површина од точка 21 на овој член, пријавена од едно земјоделско стопанство, која покрива една или повеќе групи култури;
- „барање за директни плаќања” е барање во хартиена и/или во електронска форма кое вклучува апликација која користи географски информативен систем кој овозможува просторно пријавување на земјоделски парцели вкрстени со референтните парцели и/или апликација која користи податоци содржани во електронската база на податоци за животни која ја управува Агенцијата за храна и ветеринарство;
- „оперативна група” е група на партнери од областа на земјоделството и руралниот развој кои работат заедно за да направат конкретно, практично решение за одреден дефиниран проблем, а односите меѓу нив се регулирани со договорот за деловна соработка;
- „пилот проекти” се проекти со кои се испитува примена на одредени техники и пристапи во пракса поради нивна одржливост во одредена област или нивна изводливост во поглед на пазарите;
- „синџир на снабдување со храна” е систем од организации, луѓе, активности, информации и ресурси вклучени во доставување на производ или услуга од производителите до потрошувачот;
- „краток синџир на снабдување со храна” е синџир на снабдување со храна кој не содржи повеќе од еден посредник меѓу производителите и потрошувачите;
- „локален пазар” е пазар во радиус од 50 километри од земјоделското стопанство од кое производот потекнува, вклучувајќи активности за обработка и продажба до крајниот потрошувач;
- „вертикална соработка” е соработка во која субјекти од различни фази од синџирот на снабдување со храна работат заедно;
- „хоризонтална соработка” е соработка во која субјекти со иста дејност и во иста фаза на производство работат заедно;
- „тековни трошоци на оперативната група” се финансиски средства кои редовно се трошат за работењето на субјектот, како што се плати за вработени, режиски трошоци и кирии и
- „интервенции во земјоделството и руралниот развој” се инструменти и мерки за директни плаќања, рурален развој, уредување на пазарите и сите останати мерки и активности кои се во насока на остварување на целите на националната земјоделска политика.
