Овошјето и зеленчукот што се произведуваат во Македонија ќе биде најзастапено во владината математика за просечната потрошувачка кошничка. Листата на земјоделски производи која министерството за земјоделие ја доставило до министерството за економија е долга вели Трипуновски. Финално кои производи ќе влезат во кошничката треба да соопшти министерството за економија што веројатно ќе се случи откако истата ќе биде испратена на консултации кај синдикатите и организацијата на потрошувачи
„Министерството за земјоделство учествува заедно со другите министерства во креирањето на кошничката и е задолжено за земјоделските производи. Листата на производи е голема и верувам дека кошничката ќе ги содржи сите. Пред сѐ се застапени оние што ги произведуваме во Македонија“, вели Трипуновски.
Изработен е и посебен календар за тоа кои култури кога се одгледуваат врз база на кој ќе се полни кошничката. Односно сезонските овошја и зеленчук ќе се пресметуваат во периодот кога се одгледуваат.
МЗШВ согласно календарот на производство на земјоделски култури изработи посебен Календар – кои земјоделски култури во кој период доспеваат и се користат. Тој список е доставен до Министерството за економија. Знаете дека одредени производи се со сезонски карактер, па во периодот на нивно производство ќе бидат и вметнати во кошничката, вели Трипуновски.
Од министерството за економија веќе информираа дека кошничката е готова и е врз база на податоците од Државниот завод за статистика и Пазарен инспекторат. Што точно содржи засега нема конкретни детали, но се знае дека нема да има алкохол и цигари, а нема да биде ставена ставка за одмор во странство. Министерството за економија објасни дека владината кошничка ќе служи како урнек за креирање на мерки за заштита на животниот стандард.
Државниот завод за статистика престана да ја пресметува минималната потрошувачка кошничка во 2011 година и оттогаш тоа го прави ССМ.
Од синдикатот ја објавуваат сумата за секој месец, но засега последната објавена пресметка од ССМ е за февруари и тежи 63.773 денари за четиричлено семејство.
Според официјална статистика, инфлацијата во март споредено со февруари годинава бележи намалување од 1,3%. Тоа според статистика се должи и на пониските трошоци за храна и пијалаци.
