Хрватска оваа година се соочува со недостиг од околу 70.000 сезонски работници во секторите на туризмот, угостителството, градежништвото и трговијата, а се очекува работниците од Босна и Херцеговина повторно да бидат меѓу најбројните, пренесува агенцијата ФЕНА.
Според податоците на хрватското Министерство за внатрешни работи, најбројни странски работници во земјата на крајот на минатата година биле државјаните на БиХ (38.100), по кои следуваат работници од Непал (35.635) и Србија (27.988).
Хрватската стопанска комора истакнува дека сезонските работници остануваат клучен фактор во туризмот, сектор кој традиционално вработува најголем број сезонски кадри. Како резултат на економските трендови, инфлацијата и зголемената побарувачка на работна сила, платите во Хрватска постојано растат, што позитивно се одразува и на приходите на странските и сезонските работници.
Според податоците на Државниот завод за статистика, просечната нето плата во февруари оваа година изнесувала 1.361 евро. Воедно, новиот Закон за странци предвидува дека странските работници не смеат да имаат пониска плата од локалните работници на слични работни позиции.
„Еден од најголемите хотелски синџири во Хрватска, кој работи на повеќе локации долж Јадранот, ќе исплаќа плати од 1.500 до 2.000 евра нето во шпицот на сезоната. Сепак, за позиции како собарки, помошни готвачи, помошни келнери, кујнски работници и сервири, платите ќе се движат од 1.000 до 1.400 евра нето“, изјавија од Хрватската стопанска комора.
Дополнително, повеќето работодавачи, покрај основната плата, нудат и различни бонуси, како и бесплатен сместување и исхрана за сезонските работници.
Со новите измени во Законот за вработување странци, Словенија нуди олеснети процедури за сезонска работа, а платите во одредени сектори достигнуваат и до 3.000 евра.
