Познатото земјоделско семејство Исмаиловски од село Будаково ја започнаа жетвата на сончогледот. Тие се големи производители на повеќе земјоделски култури меѓу кои и сончогледот и тоа на стотици хектари.

Нивното производство кое е повеќе од 100 хектари секоја година, придонесува во проектот за враќање на сончогледот на македонските ниви – проект кој пред 7 години започна на иницијатива на фабриката откупувач – „Кристал 1923“ од Велес, а кој беше поддржан од Владата.
-Годинава сончоглед засевме на 114 хектари, а приносот е послаб од други години, заради временските прилики. Извадивме по 1 300 кг/ха. Откупот е гарантиран во „Кристал 1923“ по берзанска цена од 23 денари. Големи се трошоците во производството и поради малиот принос, очекуваме како и минатата година да добиеме дополнителни 5 денари субвенција – вели Митат Исмаиловски.

Од компанијата „Кристал 1923“ за МИА информирааат дека веќе 20-тина дена се одвива откупот на сончоглед од македонските производители, кои поради високите температури годинава порано уште во август ја започнаа жетвата, а која изминатите години започнуваше во септември. Најпрво од производителите од Свети Николе и Куманово, а деновиве во фабриката во Велес се носи и сончоглед од Пелагонискиот регион.
Досега се откупени над илјада тони сончоглед, што за овој период е голема количина. Од „Кристал 1923“ поради подобриот род годинава планираат да откупат помеѓу 5 и 6 илјади или повеќе од ланските кога беа откупени 4 илјади тоно сончоглед.
Инаку, откупната цена годинава е 23,5 денари за килограм плус ДДВ и е повисока од ланската која беше 20,5 денари плус ДДВ. Лани поради сушата и ниските приноси на сончогледот на иницијатива од „Кристал 1923“, земјоделците од Владата добија помош вонредна субвенција по плус 5 денари од килограм сончоглед предаден во прерабоувачки капацитет.
Од велешка Маслодајна потсетуваат дека тие последниве години како единствена компанија за производство на масло за јадење од сончогледовво семе во земјава направија големи напори и успеаја да го вратат сончогледот на македонските полиња. Воедно се и единствени кои преработуваат масло за јадење од сончоглед и кои го откупуваат од македонските земјоделци, иако им е поевтино како суровина да набавуваат сурово масло од странство.
