Деновиве екипа на Агротим е постојано на терен преку едукативни средби со земјоделците на тема ИПАРД и други можности за поддршка на агросекторот.
На средбата со земјоделците од кочанско Тркање се разговараше за можностите за аплицирање на очекуваниот повик за Мерка 1 од ИПАРД програмата. Со оглед на тоа дека бевме во регион за производство на ориз, најголемиот дел од прашањата беа за набавка на земјоделска механизација – трактори и комбајни, а имаше интерес и за аплицирање за сушари и силоси.

Земјоделците зборуваа и за поранешните искуства околу аплицирање за мерките од програмата за Рурален развој. Посочија на проблемите околу обезбедување на потребната документација, за недоволната информираност и комплицираност на постапката. Целта на нашата посета беше токму таа, поголема едукација околу условите за аплицирање и директна поддршка преку изработување на бизнис план и друга потреба документација.

Освен за ИПАРД, има голем интерес од страна на земјоделците и за мерките „Млад земјоделец“, „Рурална жена“, за започнување на нов семеен бизнис… Токму затоа очекуваат од новата Влада да ги продолжи овие популарни мерки и тие грантови да завршуваат кај вистинските земјоделци.
Исто така имаше барање и да се креира мерка која ќе ги опфати дроновите кои се користат во земјоделското производство затоа што има се поголем интерес од страна на младите за дигатализација на земјоделското производство.

Земјоделците очекуваат континуитет во земјоделските политики и мерки кои се носеа заедно со нив како и што побрзо формирање на Владата и излегување на терен од страна ресорното министерство да се следи моменталната состојба и решавање на евентуалните проблеми со производството и пласманот на земјоделските производи.
Ленче Николовска
