Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира земјоделците дека на 10 јануари се распишани четири јавни повици за добивање по закуп на земјоделско земјиште до 3 хектари, рапоредени во 34 региони во 878 катастерски општини. Преку овие четири повици се опфаќа земјоделското земјиште во сите села низ државата, односно повикот опфаќа површини вон градско подрачје.
Потсетуваме на мерката со која земјоделци на возраст до 40 години, првите три години се ослободени од плаќање закупнина за државна земјоделска земја.
За земјоделското земјиште во државна сопственост кое по пат на јавен оглас или јавен повик ќе се додели во закуп на физичко лице на возраст до 40 години или на трговско друштво со управител или извршен директор на возраст до 40 години, обврската за плаќање на закупнина од страна на закупецот настапува три години по влегувањето во сила на договорот за закуп.
Доколку трговското друштво во периодот до три години по влегувањето во сила на договорот за закуп го промени управителот или извршниот директор со лице на возраст над 40 години, обврската за плаќање на закупнина ќе се смета дека настапила од денот на влегувањето во сила на договорот за закуп.
